Ново истражување открива дека возрасните луѓе што немаат партнер и во САД и во Јапонија пријавуваат пониска благосостојба од оние што се во брак.
Истражувачите го спровеле ова истражување за подобро да ги разберат искуствата на луѓето што не се во брак надвор од западните контексти. Досегашните истражувања најчесто се фокусирале на земји како САД, кадешто ваквиот живот станува сè почест и посоцијално прифатен. Во ваквите индивидуалистички општества, некои истражувања покажуваат дека слободните луѓе имаат и посилни врски со семејството и пријателите отколку оние во брак.
Но, во многу азиски култури, како што е Јапонија, бракот се смета за суштински дел од животот и семејството, што создава поинаков вид социјален притисок врз самците. Истражувачите сакаа да дознаат дали овие културни разлики влијаат врз тоа како семејните односи се поврзани со благосостојбата на слободните и на лица што се во брак во двете земји.
- Отсекогаш ме фасцинирале животните транзиции во односите, а статусот слободен често се наоѓа во некоја чудна сива зона каде што луѓето не се сигурни дали тоа навистина се смета за некаква фаза на врска - објаснува авторот на истражувањето, Лестер Сим, доцент по психологија на Универзитетот за менаџмент во Сингапур.
- Иако самотничкиот живот станува сè почест, луѓето сè уште имаат предрасуди кон слободните луѓе. Тоа е интересно бидејќи често одразува како се проценуваме себеси преку очите на другите. Од азиска перспектива, се запрашав дали овие ставови можеби се изразуваат поинаку низ културите, особено затоа што семејните врски се толку централни во азиските општества. Таа љубопитност го поттикна ова истражување - додава тој.
Во истражувањето, учесниците одговарале на прашања во два различни временски периоди. Во првиот круг се бележеле брачен статус, семејна поддршка и семеен притисок, односно колку чувствуваат дека семејството се грижи за нив и колку можат да му се доверат, наспроти тоа колку често чувствуваат критики или разочарувања.
Слободните луѓе имаат покревко здравје и се помалку задоволни од животот
Во вториот круг се оценувала општата благосостојба: физичкото здравје (од 0 до 10) и задоволството од животот преку серија прашања.
И во САД и во Јапонија слободните луѓе известиле за послабо физичко здравје и пониско задоволство од животот во споредба со луѓето во брак. Тоа се совпаѓа со многу претходни истражувања кои укажуваат дека бракот е поврзан со подобро здравје и поголема среќа.
Кај Американците, брачниот статус бил поврзан со поголема семејна поддршка и помалку семеен притисок, што делумно го објаснува повисокото ниво на благосостојба кај брачните лица. Кај Јапонците, пак, самците искусувале повеќе семеен притисок, но тој немал значајно влијание врз нивното здравје или задоволство од животот.
- Семејните односи се важни за сите, без разлика дали сте во брак или не, но нивната улога зависи од културниот контекст. Иако животот како слободна личност станува сè почест, тој сè уште носи социјални и емоционални трошоци. Потребно е да изградиме поинклузивни средини каде што слободните луѓе ќе се чувствуваат еднакво поддржани и вреднувани - вели Сим.
Интересно е што кај јапонските учесници немало значајна разлика во нивото на семејна поддршка меѓу слободните лица и лицата во брак. Иако таа поддршка влијаела врз нивното задоволство од животот, не го објаснувала јазот во благосостојбата како кај Американците.
- Искрено, очекував поголеми културни разлики. Мислев дека слободните луѓе на Запад ќе се чувствуваат поопштествено прифатени, а тие во Азија ќе зависат повеќе од семејството и ќе доживуваат поголем притисок, но тоа не се потврди. Очигледно е дека општествените норми за брак и понатаму силно влијаат врз начинот на кој луѓето го доживуваат самотничкиот живот и личната благосостојба - вели Сим.
Извор:
Psypost.org
Фото: Freepik