X
 07.01.2022 Живот

Четири знаци што покажуваат дека сте попаметни отколку што мислите

Кога ќе влезете во некоја соба, лесно е да ги забележите луѓето што изгледаат попаметни. Помудри. Повешти и поитри. Подобро можат да раководат со низа податоци и подобро може да донесат одлуки.

Но, тоа можеби не е така.

Исто како што највредните работници често се „невидливи“ на работа, она што може да изгледа како „црвено знаме“ што ќе укаже на недостиг на интелигенција, всушност, може да биде знак дека сте попаметни отколку што мислите.

Ова се неколку примери:

1. Склони сте кон одложување на работите

Иако сите ги одложуваме работите, малку луѓе претпоставуваат дека одложувањето нешто важно е знак на интелигенција.

Но, често е така. Познатиот психолог Адам Грант смета дека одложувањето е клуч за иновација.

- Времето кога Стив Џобс ги одложуваше работите и ги разгледуваше можностите беше време добро потрошено за да овозможи повеќе различни идеи да стигнат на маса, наспроти нуркањето директно со најконвенционалните, најочигледните, најпознатите идеи - вели Грант.

Науката се согласува. Истражување од 2016 година објавено во „Журнал оф рисрч ин персоналити“ покажа дека луѓето со висок коефициент на интелигенција имаат тенденција да одолжуваат и одложуваат повеќе, само затоа што високата интелигенција им го овозможува луксузот да чекаат да почнат некоја задача.

Затоа, ако одложувате нешто само затоа што не сакате да работите на задачата, тоа е една работа. Но, ако одложите нешто затоа што мислите дека не сте го нашле најдоброто решение, најдобриот пат или најдобрата опција, чекањето да почнете може да биде најпаметниот пристап.

2. Склони сте да го менувате мислењето


Без оглед дали го сакате или не, не може да се негира фактот дека милионерот Џеф Безос е во право.

Според Џеф Безос, број 1 индикатор за висока интелигенција е подготвеноста да се премислите.

- Најпаметните луѓе постојано го ревидираат своето разбирање, преиспитувајќи го проблемот што мислеле дека веќе го решиле. Отворени се за нови гледишта, нови информации, нови идеи, противречности и предизвици на нивниот сопствен начин на размислување - вели Безос.

Науката се согласува. Серија експерименти неодамна објавени од „Харвард бизнис ривју“ покажуваат дека промената на мислењето може да направи да изгледате попаметни, но и промената на мислењето ве прави попаметни.

Следниот пат кога ќе ја преиспитате вашата интелигенција, размислете колку често сте се премислувале во последните денови. Ако одговорот е многу, веројатно сте попаметни отколку што мислите.

3. Сакате да поминувате време сами

Бидејќи птиците со слични пердуви имаат тенденција да се собираат заедно, има смисла тоа што паметните луѓе уживаат да поминуваат време со други паметни луѓе.

Но, се чини дека тоа не е случајот. Истражување објавено во 2016 година во „Бритиш журнал оф персоналити“ покажа дека колку повеќе паметните луѓе се дружат, толку помалку се среќни.

Зошто? Истражувачите шпекулираат дека една од причините може да биде тоа што колку сте попаметни, толку повеќе би можеле да бидете фокусирани на постигнување долгорочни цели. Ако е така, поминувањето време со пријателите, без оглед на тоа колку се паметни, може да изгледа како повеќе да ви го одвлекува вниманието отколку да е корисно.

Значи, ако сакате да поминувате време сами за да се фокусирате на некој проект, да подобрите некои вештини, да го усовршите вашиот бизнис-план... или едноставно да ги отфрлите сите чекори што треба да ги преземете за да ги постигнете своите цели, не претпоставувајте дека тоа е недостиг на интелигенција.

Наместо тоа, вие сте попаметни од другите.

pametna
Фото: Freepik

4. Склони сте да бидете ноќна птица

Раните птици го добиваат целото внимание од медиумите. Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, ја почнува својата утринска рутина во 3:45 часот наутро. Поранешниот извршен директор на „Пепси“, Индира Нуи, се буди во 4 часот наутро, нарекувајќи го спиењето дар од Бога што никогаш не ѝ бил даден. Извршниот директор на „Џенерал моторс“, Мери Бара, е во канцеларија до 6 часот наутро.

Сепак, истражувањето објавено во „Персоналити енд индивидуал диференсес“ утврди дека таканаречените ноќни птици, луѓето што сметаат дека имаат повеќе внимание и се попродуктивни во доцните часови, имаат поголема веројатност да имаат повисока интелигенција.

Истражување објавено во „Бритиш медикал журнал“ открило дека ноќните птици имаат тенденција и да имаат подобри работни места и да заработуваат поголеми приходи од оние што стануваат рано.

И покрај тоа, не значи дека ако останете будни подоцна и подоцна се разбудите утрото, тоа ќе ве направи попаметни.

Донесувањето свесна одлука за времето кога да станете ќе ви помогне да постигнете најмногу и ќе ве направи најуспешни, тоа е јасен знак за интелигенција и за вашата способност да ја донесете вистинската одлука за вас.

Извор: Inc.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот