X
 07.02.2019 Наша тема

Јас не заминав: Прогресивните млади лекари се борат со македонскиот зачмаен систем. Д-р Марко Костовски (26), иден микробиолог и сперматолог

Првенец на генерација по општа медицина, активен студент на сите полиња, тој е еден од надежите во медицинската наука во Македонија. Д-р Марко Костовски (26) од Скопје често се наоѓа во ситуација да се бори со ветерници. Во време кога Република Македонија цела деценија се соочува со одлив на кадри, ова се луѓето што решија да не заминат. Нивните приказни ги објавуваме во рубриката „Јас не заминав“

Лекарите заминуваат од Македонија зашто не можат тука да најдат работа. Процесот на вработување е многу тежок. Понекогаш ќе поминат и неколку години за да стигнете до пристојна работа, вели д-р Марко Костовски (26) од Скопје. Сепак, тој сè уште е тука. Најсилната причина што го задржува е желбата да внесе промени и да помогне да се унапреди нашиот образовен систем. Првенец на генерација по општа медицина, активен студент на сите полиња, тој е еден од надежите во медицинската наука во Македонија. Иако често се наоѓа во ситуација да се бори со ветерници, тој е еден од луѓето што не заминаа и сака да остане и да работи во Македонија.

Д-р Марко Костовски на еден од студиските престои

Костовски работи во Институтот за медицинска хистологија и ембриологија, на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментот е асистент по предметот хистологија и ембриологија и докторанд на базична медицина. Истовремено ја завршува првата година од четиригодишната специјализација по медицинска микробиологија со паразитологија на Институтот за микробиологија и паразитологија на Медицинскиот факултет. Ова е неговата приказна.

Пред осум години се запишал на шестгодишната програма по општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Студиите ги завршил во предвидениот рок, во мај 2016 година. Бил прогласен за првенец на генерацијата по општа медицина.
- Се трудев да бидам студент во вистинска смисла на зборот. Наоѓав време и за екстракурикуларни активности - раскажува тој.

Членувал во повеќе студентски организации. Преку Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) реализирал студиски престои во Чешка, Латвија, Португалија и во Шпанија. Таму подетално да се запознал со функционирањето на здравствените системи во Европа. Бил активен и на научноистражувачкото поле. Првиот труд од областа на патологијата го објавил во 2014 година под менторство на проф. д-р Гордана Петрушевска во медицинското научно списание „Прилози“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Во лабораторија

- Тоа ме мотивира да продолжам да се интересирам за научната работа. Посетив многубројни конгреси низ Европа. Задоволството од научноистражувачката работа уште повеќе ми се зголеми откако добив награди за најдобра постер-презентација на Медицинскиот универзитет „Харите“ во Берлин, за труд во областа на фармакологијата под менторство на доц. д-р Јасмина Тројачанец и за најдобар научен труд во областа на епидемиологијата под менторство на моменталниот продекан за настава, проф. д-р Бети Зафирова-Ивановска - објаснува тој.

Две години чекал вработување

Две години чекал вработување. Во меѓувреме почнал докторски студии и приватна специјализација.
- Поттикнат од студиските престои и искуството во научноистражувачката работа, веднаш го продолжив формалното образование и се запишав на докторски студии по базична медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Почнав да волонтирам и на Институтот за медицинска хистологија и ембриологија каде што бев активно вклучен во практичната настава за додипломските студии по општа медицина, но и во работата во лабораторијата за анализа на хуманиот ејакулат - објаснува Костовски.

Со колешките

Во тој период аплицирал на курсот Basic Semen Analysis, кој го организирал Европското здружение за хумана репродукција и ембриологија при Универзитетската болница „Каролинска“ во Стокхолм, Шведска. Вели дека тоа за него претставувало значаен чекор и доедукација во областа на сперматологијата. Лани реализирал едукациски престој на Медицинскиот универзитет во Гдањск, Полска, при Институтот за хистологија. Таму се запознал со нивниот едукативниот систем по медицина и ги усовршил своите вештини во базичната медицина.

Во моментов е вклучен на повеќе полиња истовремено - специјализира медицинска микробиологија со паразитологија и е асистент по предметот хистологија и ембриологија. Сепак, најзначајни му се докторските студии по базична медицина и секојдневно активно работи на докторската дисертација.
- Се надевам дека наскоро сè ќе заврши успешно за да се впуштам во новите предизвици што ги нудат микробиологијата и сперматологијата и работата со студентите, која навистина ме исполнува - вели Костовски.

Македонија не вложува во научни истражувања

На прашањето колку Македонија вложува во научните истражувања во медицината, Костовски вели дека, за жал, речиси и да не се вложува ништо. Трошоците за истражување најчесто ги сносат истражувачките тимови на кои истражувањата им се неопходни за полесно да се пробијат во академската заедница.
- Многу млади истражувачи се демотивирани кога за своите реагенси и китови често е потребно да чекаат подолго време (некои дури и со години), за тие успешно да ги поминат тендерските процедури. Се случува за одреден реагенс да се набави некој сличен (на првично зацртаниот) и тоа исклучиво поради неговата цена. Затоа, често истражувачите се откажуваат од овој процес бидејќи исходот е неизвесен до крајот, па се одлучуваат трошоците за истражувањата да ги финансираат сами. Често докторските студии се перципираат како приватна работа на поединецот и не се зема предвид вистинската суштина и тежина на ваквиот тип на научноистражувачки проекти. Па докторандите се трудат сами да вложат колку што можат повеќе за да го подобрат квалитетот на својот докторски труд - објаснува Костовски.



За споредба, во другите земји во Европа (меѓу кои се и Италија, Шпанија, Чешка, Португалија), времето за набавување на потребните реагенси се брои во денови, а некогаш и во часови.
- А кај нас може да потрае и со години. Јасно е дека рози не цветаат секаде и научните истражувања не поминуваат без пречки. Сепак, едно е сигурно - логистиката, современата технологија, можноста за мобилност на студентите и истражувачите, како и буџетите што се одвојуваат за истражувањата се далеку подостапни и поквалитетни. За да се сменат нештата во научноистражувачката сфера кај нас, потребни се добар план и стратегија од вистинските луѓе. Сево ова подразбира и големи промени во функционирањето на институциите за да бидат видливи и ефикасни - дециден е Костовски.

Македонија не е единствена што се соочува со одлив на лекарски кадар. Истиот проблем го имаат и земјите во регионот. Лекарите од Хрватска јавно кажуваат дека многу од нив не заминуваат да работат во странство поради висината на платите, туку поради нефер форсирање на неквалитетни кадри. На прашањето каква е состојбата во Македонија во однос на ова прашање, Костовски вели дека не може да изгради единствен став.
- Веројатно вистината е некаде на средината. Големиот број доктори што заминале од Македонија не заминале само поради платата, туку поради неможноста да најдат работа во нашата држава - вели Костовски.

Потпишуваат робовладетелски договори

Според него, процесот на вработување е исклучително тежок. Понекогаш треба да поминат и неколку години за да се стигне до достојна работа. Тој ги поздравува многуте огласи во последно време за доктори по медицина во кои се нудат солидни услови за работа.

- Но, дури и да се вработите на место кое навистина сте го посакувале и активно сте се залагале, по вработувањето следуваат нови предизвици што треба да се надминат - меѓучовечките односи и пробивањето на младиот човек, неговото докажување во средината. Секоја чест на искусните кадри, но имам чувство дека идеите што произлегуваат од младите често се неприфатени. Така се губат желбата и ентузијазмот да се направи промена кон нешто подобро и очигледно поефикасно. Посакувањето млад кадар во институциите е само како работна сила, а не од целосниот аспект што доаѓа со таа млада работна сила. Институциите сè уште не се подготвени да се справат со амбициозните и проникливи идеи и се трудат да ги одржат одамна установените правила на функционирање кои по толку време имаат слеп завршеток, кој тие самите не умеат да го видат. А можеби и не сакаат да го видат - за што искрено верувам дека се лажам. Од младите не се очекува ништо ново или различно, туку се бара да се претопат во средината, во веќе воспоставената шема на функционирање. Кога на сето ова ќе се додаде финансиската заднина, тогаш се добива целосната слика за тоа зошто младите често се одлучуваат да заминат од Македонија. Овие препреки можат да се надминат со голема упорност, вложена енергија, но и силниот и цврст карактер на младиот човек - дециден е Костовски.

На презентација на негов труд

Тој вели дека најсилната причина што го задржува во Македонија во моментот е желбата да внесе промени, колку може да помогне да се унапреди нашиот образовен систем, да се обиде да ги надмине препреките. Тука се и семејството, целокупниот начин на живот во Македонија...

- Дополнително, мене ме обврзува и договорот преку кој се обврзав дека следните девет години ќе ги поминам работејќи во Македонија. Оваа причина во одредени моменти значајно ме демотивира. Во моментот сум активно вклучен и во Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) каде што активно се бориме против ваквите робовладетелски договори кои го ограничуваат и условуваат младиот човек да остане во земјата. Само поради тоа што нашол работа која се согласил да ја работи и која му претставува задоволство да ја работи - вели д-р Костовски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема