X
 17.04.2019 Наша тема

Патот на македонските лекари низ образованието: „Имав почетна плата од 11.000 денари, зедов кредит за специјализација“

Потребно е да се подигне општата свест дека медицината е хумана дејност и дека не сме сите исти, вели доктор Николина Смоковска, најмладиот супспецијалист нефролог во Македонија

Патот на македонските лекари до специјализирање во одредена област воопшто не е лесен, особено ако притоа мора да растеш две деца, а да земаш кредити за своето образование. Таков е примерот на доктор Николина Смоковска, најмладиот супспецијалист нефролог во Македонија. Таа ни раскажа како се станува доктор во Македонија и што треба да се промени во системот на едукација на младите лекари.

- Супспецијалист станав на 36 години и сум најмлад супспецијалист-нефролог во Македонија. Кај нас невообичаено и речиси невозможно е да се стане нефролог на таа возраст поради склоп на околности во образовниот систем и вреднувањето на лекарскиот труд на младите лекари. Кога излегуваш од факултетските клупи не те чека работа. Самите студии се долги и тешки, финансиски си исцрпен, сѐ уште на товар на родителите, па приоритет ти е поскоро вработување. Доколку ја имаш таа среќа да си дел од државна установа, чекаш да се распише конкурс зависно од потребата за одредена специјалност, нешто што може да трае со години. А доколку си дел од приватното здравство, зависи колку имаш време и финансии да одвоиш од и така ниските примања на младите лекари за понатамошна едукација. Процесот е повеќе сплет на околности, желба и волја за понатаму - вели таа.


Д-р Смоковска во ординација

Се враќав дома исцрпена, обично околу 20 часот

Смоковска има специјализација по интерна медицина, која ја започнала во 2008 година, а по 4 години се стекнала со звање специјалист по интерна медицина. По две години работа како интернист се запишала на супспецијализација во областа на нефрологија во траење од 2 години.
- Процесот на учење беше долг, напорен, со многубројни предизвици. Во првите две години од специјализацијата бев во редовен работен однос како општ лекар во здравствена установа за примарна здравствена заштита. Работното секојдневие ми започнуваше во 8 часот на интерните клиники каде што ги извршував турнусите за потоа да продолжам на работа, втора смена. Се враќав дома исцрпена, обично околу 20 часот. Во овој период единствена сатисфакција и водилка ми беше фактот дека се стекнувам со нови знаења и вештини за кои бев сигурна дека ќе ми користат многу во професионалниот живот во иднина. Во текот на специјализацијата останав бремена. Стана невозможно да ги извршувам сите обврски, па затоа решив да се посветам само на специјализацијата - раскажува таа.

Една година по завршувањето на специјализацијата се вработила во ПЗУ Специјална болница по дијализа и нефрологија-Диамед, Скопје. По предлог од шефот на одделот за дијализа, проф. д-р Ристо Гроздановски, запишала супспецијализација по нефрологија.
- Во 2016 година се роди и нашиот втор син, па предизвикот за извршување на обврските на Клиниката за нефрологија со истовремено полно работно време во Диамед, како мајка и сопруга, се зголеми. Благодарение на неверојатната поддршка од мојот сопруг, без кој верувам дека ќе беше невозможно, успеав да изменаџирам сѐ. Тука беа и нашите најблиски, кои го следеа секој наш чекор и ми го олеснија целиот тој трнлив пат. По две години (септември 2018 година), конечно, станав супспецијалист по нефрологија, што ми ги отвори вратите за мој поголем професионален ангажман и вработување во тимот на Диаверум - вели таа.

Младите лекари се најзасегнати

Постдипломските студии во областа на медицината кај нас се плаќаат приватно или државно, зависно во каква установа работи лекарот. Таа и двете едукации ги платила приватно, за што зела потрошувачки кредит. Смета дека се потребни големи промени во системот на едукација на македонските доктори.
- Бавно се одвиваат и нема некоја посебна визија за тоа како треба да биде. Ја поздравувам последната мерка на Министерството за здравство за финансиски надомест за приватните специјализанти. Но, потребно е да се стори повеќе за специјализантите да влезат во планот за развој на државните установи, кои континуирано се празнат. Нивно поголемо активно учество во работниот процес во здравствените установи, нешто што во последниов период има обиди да се спроведе. Верувам дека има можност, само се потребни силна желба и истрајност - вели таа.


И сопругот е лекар

Здравствениот систем во Македонија се соочува со многу предизвици. Не им е лесно на лекарите, но и на пациентите. Ова, според Смоковска, се најгорливите проблеми:
- Младите лекари се најзасегнати. Стануваш млад лекар, немаш работно искуство, но полн си со теоретско знаење и започнуваш со минимални примања. Моето прво работно место беше како матичен лекар во ординација по општа медицина со месечни примања од само 11.000 денари. Но, едноставно мораш да работиш, затоа си учел, за пациентите. Потоа следуваат условите за работа во самите установи, особено државните. Исто така, во претходниот период како да имаше негативна кампања кон лекарската фела, ставајќи ги сите лекари во еден кош. Во секоја професија има индивидуи што работат совесно и професионално и такви што не се толку посветени, но тоа не значи дека тие индивидуи ја дефинираат фелата. И таа хајка на некој начин кон лекарите и останатиот медицински персонал, па дури и физички напади беа неоправдани и непотребни.

Врв на хуманоста е да му помогнеш на друго човечко суштество

Многумина се одлучуваат за живот надвор од земјава, особено лекарите и медицинскиот персонал за кој се широко отворени вратите во Европа. Ова секако дека ја мами и Смоковска, особено зашто и сопругот е лекар.
- Сериозно ја разгледувавме таа можност. Поради природата на неговата работа, дури и почнавме да преземаме чекори во таа насока, но чекавме да ги завршам моите обврски и да видиме како ќе се одвиваат нештата. Кога станав нефролог, желбата и идејата ми беа да се вработам на Клиниката за нефрологија и да продолжам да се надградувам и да придонесувам во државното здравство како веќе готов стручен кадар. Но, излезе дека не сум им потребна. Сѐ уште постојат понуди и можности за надвор, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Диаверум, компанијата во која работам сега, нуди многу можности, а и условите за работа се повеќе од добри за наши услови - вели Смоковска.

Пациентите често знаат да истакнат дека не се чувствуваат сигурни и безбедни во болниците од повеќе причини. Што претставува пациентот за неа и како да се врати вербата во медицинскиот персонал, но и општо во здравствениот систем во земјава?

- Пациентот и желбата да се помогне се причината поради и која станав лекар. Чувството кога си направил на пациентот да му е подобро и да ти каже „благодарам докторке“ е неописливо и нема вредност. Мислам дека врв на хуманоста е да му помогнеш на друго човечко суштество. Вербата во медицинскиот кадар може да се подобри со позитивна кампања за здравствениот персонал, реални инвестиции во здравствените установи, финансиска стимулација барем на младите лекари кои се на едукација, поголема практична вклученост во работниот процес со цел да не се губи време за практична едукација по завршувањето на студиите. Потребно е да се подигне општата свест дека медицината е хумана дејност и дека не сме сите исти.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема