X
 07.02.2024 Наука

Нов лек го спречува растот на најагресивниот рак на дојка

Ветувачки лек може да доведе до нов третман за најагресивната форма на рак на дојка, која погодува илјадници жени секоја година. Претклиничка студија предводена од Универзитетот во Аделаида покажала дека новиот лек успешно го инхибира растот на тројно негативен рак на дојка, без никакви токсични несакани ефекти.

- Ова е возбудлив развој во борбата против тројно негативниот рак на дојка, кој е најагресивната форма на болеста. Досега хемотерапијата и имунотерапијата беа единствените опции. Резултатите од оваа студија покажуваат дека овој лек може да биде клучот за подобрување на стапката на преживување - смета вонредната професорка Тереза Хики, меѓународно признат експерт за рак на дојка при Универзитетот во Аделаида.

Лекот се зема орално и дејствува така што таргетира специфичен протеин во канцерогениот тумор наречен CDK9, кој го забрзува растот на клетките. Со инхибиција на овој протеин тој ефикасно го запира ракот.

- Нашата претклиничка студија покажува дека лекот може да го спречи размножувањето на клетките на туморот, но не влијае врз нормалните клетки во ткивото на дојката земено од пациентите. Сè уште е рано, но врз основа на овие првични докази, веруваме дека инхибирањето на овој протеин може да доведе до лек за тројно негативен рак на дојка и овој нов лек треба дополнително да се развива - истакнува Хики.

Во студијата бил вклучен и професорот Шудонг Ванг од Универзитетот во Јужна Австралија, кој го развил лекот (CDDD11-8) за лекување акутна миелоидна леукемија.

- Ние го развивме CDDD11-8 како моќен, селективен и орално биоактивен CDK9 инхибитор за терапија на ракот. Многу сме возбудени поради неговиот терапевтски потенцијал против тројно негативниот карцином на дојка, што го покажа проф. Хики - истакнува Ванг.

Во Австралија на околу 2.500 жени годишно им се дијагностицира тројно негативен карцином на дојка. Овој тип рак на дојка се јавува почесто кај помладите жени. Има повисока стапка на релапс во рок од пет години и повисока стапка на смртност од другите видови рак на дојка во овој период.

Истражувачите планираат да спроведат дополнителни испитувања за да истражат дали оваа потенцијална терапија може да се користи за лекување други видови рак на дојка.

Извор: Okvir.net

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука