Додека светот се бори да најде лек за дијабетес, севернокорејскиот лидер нарачува луксузни западни препарати, но нема намера веднаш да ги користи. Прво ќе ги тестира врз луѓе што личат на него. И тоа не е теорија, туку практика стара со децении.
Замислете лидер кој одеднаш повеќе не се појавува на воени паради, кој на секоја снимка седи, не оди, не зборува, но затоа јаде, и тоа побогато од кога било. Замислете дека зад таа тишина се крие страв не од народот, не од пуч, туку од сопствената тежина.
Ова не е почеток на дистописки роман, туку најновите информации од затворениот круг околу Ким Џонг-ун, човекот кој води една од најизолираните земји во светот и истовремено се обидува да ја намали својата тежина, без оглед на цената. Но, не и без жртви.
„Оземпик“ за Ким - тестирање врз народот
Според информации од западни разузнавачки служби, Ким Џонг-ун им наредил на своите најблиски соработници по секоја цена да набават „оземпик“ или слични лекови за слабеење од странство.
Изворите тврдат дека лекот прво ќе се тестира врз граѓани на Северна Кореја кои имаат слична телесна градба и здравствен профил како самиот лидер. Само доколку се покаже дека ефектите се безбедни, тогаш Ким ќе го употреби лично.
И ова не е првпат: неговиот татко Ким Џонг-ил своевремено тестирал опијати врз телата на своите најблиски соработници за да можат заедно да направат детоксикација, ако дојде до зависност.
Загрижувачка дебелина и сè поретки јавни појавувања
Кога бил најдебел, Ким тежел повеќе од 140 килограми, со висина од само 168 сантиметри. Фотографиите од 2021 година покажуваа драматично слабеење, но во јули 2025 г. Ким повторно се појави значително здебелен, со отежнато одење.
Цигари и вино во неограничени количини. Наводно дури посакал да отвори „Мекдоналдс“ во Пјонгјанг.
Но, однатре сликата е поинаква: наводно лидерот страда од висок крвен притисок, дијабетес, гихт, а не се исклучува ниту срцева болест, бидејќи и неговиот татко и дедо починале од срцеви проблеми.
Зошто лидерот би нарачувал лекови ако не им верува на лекарите?
Аналитичарот Мајкл Меден, еден од водечките експерти за севернокорејското раководство, тврди дека Ким повеќе не им верува на своите лични лекари. Сè повеќе има индикации дека дијагнозите се прикриваат, а информациите се филтрираат.
- Не се движи. Не оди ниту на кратки растојанија. Секогаш седи. До бината патува со автомобил. Нема спонтаност. Тоа не е без причина - вели Меден.
Поради тоа, активирани се сите канали на неговата лична канцеларија - мрежа на тајни „дипломати“ кои низ светот набавуваат лекови, уреди и повремено дури и странски лекари.
Иронијата е огромна: во земја каде што 40 отсто од населението е неухрането, лидерот увезува елитни медицински производи и јаде месо, токму како што тоа го правел и неговиот дедо, Ким Ил-сунг.
Додека тој експериментира со западни лекови, народот живее на работ на глад.
Во последниов месец сè поголемо внимание се обрнува на ќерката на Ким, Џу-ае, за која многумина се сомневаат дека би можела да стане негова наследничка. Почнала да носи поинаква облека, се појавува на важни државни настани, а на последната воена парада Ким само ја набљудувал од сенка.
- Кога Ким исчезнува од фокусот, а ќерката станува сè поприсутна - тоа во Северна Кореја никогаш не е случајно - тврди еден таен извор.
Извор:
Thesun.co.uk
Фото:
Instagram