X
 07.03.2025 Наша тема

Гимназијалецот Давид Козаров е режисер, сценарист, снимател и монтажер на филмот снимен по повод 80 години настава на македонски во средното образование

Документарецот со наслов „Неговиот глас“, Козаров, кој е матурант во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, каде што се одржал и првиот час на македонски јазик, го изработи под менторство на професорот Никола Трајковски.

Гимназијалецот Давид Козаров стои зад сценариото, режијата, монтажата и камерата на уметничко-документарниот филм „Неговиот глас“, изработен по повод 80-годишнината од првиот час на македонски јазик во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола. Тој 6 февруари 1945 година, всушност, беше и почетокот на наставниот процес на мајчин јазик во средните училишта во Македонија. Ментор во изработката на филмот му беше професорот по македонски јазик Никола Трајковски, а во изработката помогнаа и учениците Теодора Марковска, Ана Спасовска, Анастасија Бејковска и Ева Јосифовска. Неговиот глас во филмот, всушност, е гласот на македонскиот јазик од влезот во гимназијата, па сѐ до денешницата.



- Со „Неговиот глас“ сакавме да предизвикаме интерес, тоа не е гласот на гимназијата, туку гласот на јазикот кој влегол во гимназијата. Во филмот се јавуваат два лика. Едниот го глуми доајенот на Битолскиот театар, Борис Чоревски, а другиот - талентираниот ученик кој се интересира за тоа поле, Борис Граматковски. Чоревски го игра македонскиот јазик во сегашноста, односно кога тој е веќе оформен, а Граматковски јазикот во минатото, кога влегувал во гимназијата, каква била атмосферата тогаш и колку било важно да се опстои. На крај направивме спојување на двата лика со констатацијата дека се симбол на сѐ што било, е и ќе биде - вели Козаров.



Сакаше да остави белег за гимназијата во која ги мина средношколските денови

Во филмот, на кој работеле четири месеци, спомени за гимназијата и изучувањето на македонскиот јазик во неа евоцираат поранешните ученици, а сега академици - Владо Камбовски и Живко Попов, професорките Душанка Петличкова и Милица Роџевска, градоначалникот Тони Коњановски, музичарот Бранислав Николов, актерот Иван Јерчиќ и адвокатот Никола Главинче.

- Мојата мисија беше со филмот да оставам барем 10 проценти од белегот што во гимназијата го оставиле интелектуалците и големи луѓе кои зборуваат во него. Филмот можат да го надградуваат идните генерации по 20 или 40 години, да додадат други големи имиња што учеле во гимназијата и станале успешни - вели ученикот.


Трајковски: „Производот што излезе е близу до професионален филм“

Неговиот ментор, професорот Никола Трајковски, вели дека да се биде дел од еден ваков значаен јубилеј е голема чест, но и обврска, па така и му пристапиле на изработката на филмот, за кој имал идеја уште поодамна, па му понудил на Козаров да го работат заедно, а тој со задоволство прифатил.


Професорот Никола Трајковски

-Работата со Давид беше уживање, тој е вистински професионалец, со него досега сум работел повеќе проекти и знам за неговите таленти и навистина работеше многу посветено, консултиравме многу луѓе, многу книги, монографии додека го пишувавме сценариото и производот што излезе е близу до професионален филм. Посакувам да доживееме уште многу јубилеи и уште многу вакви ученици кои ќе нѐ прават горди - вели Трајковски.

Документарецот беше дел од свечената програма за одбележување на јубилејот на гимназијата, а беше прикажан и на свечената академија што на 6 февруари годинава се одржа во Центарот за култура во Битола, во присуство на истакнати гости од целата држава.

Козаров има моќ преку една фотографија да раскаже цела приказна

Љубовта кон филмот кај Козаров произлезе од пасијата што ја има кон фотографијата. Таа го привлекува уште од мали нозе. Иако е на прагот на полнолетството, тој веќе има свој впечатлив стил на фотографирање по кој се препознатливи неговите дела. Фах му е уличната фотографија, преку која умее дури и само преку фотографирани раце да ја раскаже животната приказна на работници, занаетчии, улични изведувачи, музичари.



Во октомври 2024 година ја имаше својата прва самостојна изложба „Рацете на творецот“, односно на занаетчиите од Битола, Охрид и Јанина фокусирајќи се на нивните вредни раце и долгогодишна традиција. Токму преку рацете, истрошени од времето, пренесе приказни што откриваат повеќе од стотици зборови. Тие раце полни со живот, љубов и болка, секој предмет што го создаваат е дел од нивната душа, која никогаш не престанува да се бори.

-Фотографирав низ чаршијата. Наидов на чевлар и направив фотографија од неговите раце. Прво сметав дека не е ништо специјално, но кога ја обработував дома и почнав да ги анализирам тие линии, брчки по рацете и лицето, многу ме заинтересира таа тематика. И во следните четири години, од 14 до 18 години, успеав да соберам фотографии на тема занаетчии во Македонија и регионот и успеав да направам една тематска изложба. Тоа е тема за која младите на моја возраст се многу малку информирани. А бидејќи посетителите што ги привлеков на мојата изложба беа млади, сметам дека научија нешто повеќе за тие занаети - вели Козаров.



Мајсторски фотографии од Венеција

Од богатиот фонд со негови фотографии особено пленат оние од Венеција направени минатата година во текот на ученичката екскурзија во Италија. Дел од нив, изработени во црно-бела техника, оставаат силен визуелен ефект со водечки линии кои се дел од композицијата.
Сепак, и покрај очигледниот талент за фотографска и филмска уметност, Козаров не ја исклучува можноста да студира друга научна дисциплина.

-Иако не размислувам целосно да се посветам на филмот и фотографијата, засега сум насочен повеќе кон науката и медицината, сепак оставам простор, по овој филм можеби ќе се промени нешто. Имам пасија кон фотографијата, но и љубов кон науката. Како што вели еден мој пријател - науката и уметноста не можат една без друга, кон што и да се насочам и да продолжам, уметноста секогаш ќе биде дел од мене - вели Козаров.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Наша тема