X
 18.12.2025 Живот

Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност на Српскиот фестивал за фантастични филмови

Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.

Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот центар во Белград, во присуство на многу филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.

Наградата му беше врачена на Цветановски по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следуваше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.

При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:

- Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал за краткиот игран филм „Мал дисконтинуитет во време-просторот“ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.

Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот