Луѓето се единствените примати со брада, што долго време ги збунуваше биолозите. Ново истражување покажува дека оваа карактеристика можеби не еволуирала со посебна цел, туку се појавила како нуспроизвод на други промени предизвикани од природната селекција.
- Во науката често се тргнува од претпоставката дека секоја разлика меѓу видовите има конкретна цел, но таквиот поглед на еволуцијата не е точен. Еволуцијата често е похaотична и помалку насочена отколку што очекуваме - вели Норин фон Крамон-Таубадел од Универзитетот во Бафало.
Различни претпоставки
Брадата е коскеста испакнатост на долната вилица што се протега пред предните заби. Ниту еден друг вид, па дури ни нашите најблиски роднини, ја нема, па затоа се смета за клучна карактеристика на хомосапиенсот.
Низ годините се појавиле повеќе теории: дека брадата служи за намалување на напнатоста при џвакање, дека има улога во артикулацијата на говорот или дека е производ на сексуална селекција и влијае врз привлечноста. Но, дел од научниците се сомневале дека станува збор за случајност.
Тимот анализирал 532 черепи од луѓе и 14 други видови мајмуни – меѓу кои шимпанза, бонобо, горили и орангутани. Биле измерени 46 анатомски растојанија на главата и вилицата и резултатите биле споредени преку еволутивно стебло.
Анализата покажала дека само три карактеристики поврзани со брадата веројатно биле под директно влијание на селекцијата, додека преостанатите изгледа се нуспроизвод на други еволутивни промени.
Како што предците на човекот почнале да одат исправено, формата на черепот се менувала, а лицето се повлекувало под мозочната кутија. Во меѓувреме, зголемувањето на мозокот и промените во исхраната ја намалиле потребата од големи предни заби и силни мускули за џвакање. Со текот на времето, горната вилица се повлекла, а долната останала поистурена, што довело до појава на брада.
Еволутивен нуспроизвод
Истражувачите заклучуваат дека брадата е „пример за учебник“ за неадаптација, особина што не настанала поради директна селекција, туку како последица на други промени во телото.
Истражувањето покажува дека черепот и вилицата се поврзани како единствен систем: кога природната селекција менува еден дел, други делови можат да се променат заедно со него дури и ако не биле првична цел.
Извор:
Rts.rs
Фото: Freepik