X
 01.09.2025 Здравје

Студија го открива клучниот момент кога нашето тело почнува брзо да старее

Ново научно откритие дава нови сознанија дека нашето тело не старее со униформно темпо во текот на целиот живот. Постојат периоди кога процесот на стареење одеднаш „додава гасови“, а една од тие пресвртни точки, велат научниците, се случува токму околу педесеттата година.

Иако никој не може да го спречи стареењето, знаењето кога и што се менува најмногу во телото, може да ни помогне подобро да се грижиме за себе и да останеме здрави што е можно подолго.

Зошто педесеттата година е посебна

Претходните истражувања сугерираа дека телото поминува низ бранови на забрзано стареење околу 44. и околу 60. година. Сега научниците потврдуваат дека помеѓу 45. и 55. година се случува вистинска бура - периодот кога органите и ткивата поминуваат низ најинтензивни промени.

-Повеќето органи во тој период доживуваат експлозија на промени на ниво на протеини поврзани со стареењето - објаснува д-р Гуанг-Хуи Лиу, автор на студијата.

Најмногу промени се забележани во аортата, главниот крвен сад што носи крв од срцето до остатокот од телото. Промените во него се одразуваат во целиот крвоток, што значи дека телото потоа испраќа сигнали дека стареењето започнало по целиот организам.


Протеини што детектираат болести

Во истражувањето се откриени 48 протеини кои сè повеќе се произведуваат во телото со возраста и се поврзани со разни болести - од срцеви заболувања, до замастен црн дроб, до фиброза и тумори.

-Стареењето на органите е претходница на хронични болести - она што се појавува како болест во староста е само последица на тој процес и ништо не се случило одеднаш и ненадејно - вели д-р Лиу.

Како научниците го откриле тоа

Тие анализирале 516 примероци од 13 различни ткива (срце, бели дробови, црн дроб, крв, кожа, имунолошки систем, мускули...) земени од донори на возраст од 14 до 68 години. На овој начин, тие создале атлас на стареење - мапа што ги прикажува промените на протеините во текот на 50 години човечки живот.

Протеините се, фигуративно кажано, градежен материјал на нашето тело. Колку здраво ќе старееме зависи од нивната рамнотежа и меѓусебните односи.

Зошто ова е важно за нас

Експертите веруваат дека ваквите откритија би можеле да го променат начинот на кој функционира медицината, од лекување на болести како што се јавуваат, до спречување и зачувување на здравјето додека сме сè уште витални.

-Со разбирање што и кога се менува во телото можеме да им помогнеме на луѓето да живеат не само подолго, туку и поздраво - вели д-р Маниша Парулекар, специјалист по геријатрија.

Таа додава дека идните истражувања треба да ги следат истите луѓе со децении за да се види колку генетиката и навиките на животниот стил влијаат кога ќе се случи оваа пресвртна точка во стареењето.

И затоа заклучокот врз основа на оваа студија е дека педесетгодишната возраст може да биде пресвртница, моментот кога телото почнува да ги испраќа првите сериозни сигнали дека му е потребно дополнително внимание. Навремената грижа, здравите навики и редовните прегледи можат да ни помогнат да го дочекаме тој период подготвени, витални и силни.

Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје