X
 07.05.2020 Образование

Трите елементи што треба да ги содржат универзитетските дипломи

Во време кога високото образование станува попотребно од кога било, важно е да не се заборави неговото значење. Аналогно на методот кој се користи во кошарката, факултетите треба да создаваат дипломци кои претставуваат „тројна закана“.

Овие дипломци треба да го напуштат високото образование со основно знаење за кое се добива диплома, но во кое се вклучени и следните елементи: учество во долготрајни проекти, работно искуство преку студентска пракса или работа и дополнителна акредитација која е признаена во индустријата во која би работеле.


Фото: Pixabay

Потоа, овие елементи треба да бидат и видливи за работодавците, како и во професионалните биографии на дипломците.

Високото образование долго се заснова на инспиративни ветувања за дипломците, како оние дека на факултет се создаваат граѓани кои критички размислуваат и се подготвени за доживотно надградување. Ова се работите што треба да им овозможат на студентите да успеат во кариерата, но проблемот со високото образование е дека тоа не успеало да докаже дека овие ветувања се исполнети. Затоа, потребна е промена која на работодавците ќе им гарантира дека дипломците ги имаат претходно споменатите три елементи откако ќе го завршат високото образование.

Податоците покажуваат дека оние студенти што работеле на долготрајни проекти или оделе на пракса или работа на која може да го применат знаењето имаат двојно поголеми шанси за успех во работата подоцна во животот. Но, голем дел од студентите не ги добиваат овие искуства на факултет.


Фото: Pixabay

Високото образование не може да си дозволи овие искуства да бидат незадолжителни за студентите, туку тие треба да бидат интегрални во сечие студентско искуство. Задолжителен треба да биде и доказот дека дипломците го завршуваат високото образование со вештините што им се потребни на работодавците.

Како да се стигне до оваа цел? Практичната работа мора да биде задолжителна за сите студенти, но универзитетите треба да ја обезбедат. Потоа, универзитетите треба да вклучат работа на проекти за студентите, а овие проекти треба да бидат запишани и во дипломите на крајот од студирањето. Конечно, универзитетите треба и да понудат акредитации кои студентите може да ги добијат за време на студирањето, без разлика дали тоа ќе биде преку летни школи или други програми за споредно образование.

Автор: Брендон Бастид
Извор: forbes.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование