X
 05.11.2026 Образование

УКЛО КОЛОРС – заедничка енергија за поздрава и позелена иднина

Продолжувајќи ја соработката со средните училишта, меѓу кои со СОУ „Јане Сандански“ – Битола, УКЛО како членка на Алијансата КОЛОРС  создава простор за меѓугенерациско поврзување и заедничко учење, во кое актуелните предизвици, како здравите животни навики, циркуларната економија и заштитата на животната средина, се разгледуваат низ призма на личната и општествената одговорност. Преку спортски турнири и интерактивни работилници, УКЛО КОЛОРС ги поттикнува младите да ја препознаат поврзаноста меѓу здравите животни навики, одговорниот однос кон природата и активното учество во заедницата.

Негувајќи ги вредностите– инклузија, соработка, младинска активност, одговорност, образование и одржливост, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола продолжува со реализација на активности што ги поврзуваат спортот, дружењето и еколошката свест. Во рамки на овие иницијативи покрај турнири во шах и пинг-понг, одржани се и две последователни дебати и работилници на тема „Зелен спорт – како спортот може да стане двигател на циркуларната економија и заштитата на животната средина“. На настаните со посебно задоволство присуствуваат и претставници на универзитетскиот менаџмент. Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, истакнува дека основната цел на ваквите иницијативи е студентите, наставниот и ненаставниот кадар да се поврзат во непосредна и пријателска атмосфера. 

1

Овој пристап ја отсликува и пошироката цел на иницијативите на УКЛО – преку непосредни средби и заеднички активности да се поттикне поврзувањето на универзитетската заедница со средношколците, создавајќи простор за заемно запознавање, размена и соработка. Проректорката за студентски работи, проф. д-р Светлана Николоска и директорката на КРЕДО центарот и раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, го поздравуваат спортскиот ентузијазам и активното учество на младите, нагласувајќи ја важноста на институционалната поддршка, соработката со Спортскиот универзитетски сојуз, Општина Битола и училиштата, меѓу кои и СОУ „Јане Сандански“ – Битола, како образовна институција што е сериозно и активно вклучена во создавањето можности за промоција на здрави и одржливи навики, што се остварува низ континуирана соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.


Посебна содржинска димензија на настанот му дадоа двете последователни дебати и работилници, модерирани од професорката Мирјана Лозановска, во кои учествуваа и ученици од СОУ „Јане Сандански“ – Битола. Во фокусот беше прашањето како спортот, освен што придонесува за физичкото и менталното здравје, може да стане поттик за поодговорно користење на ресурсите, намалување на отпадот и развивање практики на циркуларна економија. Разговорите отворија и отвораат дополнителен простор за критичко преиспитување на секојдневните навики: колку спортските и рекреативните активности се усогласени со грижата за животната средина, како може да се продолжи животниот век на спортската опрема, на кој начин да се намали употребата на материјали за еднократна употреба и како образовните институции можат да поттикнат позелени модели на однесување. Професорката Мирјана Лозановска посочува дека ваквите работилници имаат особена важност затоа што им овозможуваат на младите да преминат од пасивно примање информации кон активно размислување, аргументирање и предлагање решенија. Според неа, кога младите добиваат можност да ги искажат своите ставови и да ги соочат со различни перспективи, се развиваат не само нивната критичка свест и иницијатива, туку и чувството за лична одговорност. Таа ја нагласува и поврзаноста меѓу здравиот животен стил и грижата за природата: спортот треба да се практикува како дел од културата на здраво живеење, но и како можност да се усвојат навики што ја почитуваат животната средина. Одговорниот избор на опрема, нејзината повторна употреба, рационалното користење на ресурсите и избегнувањето непотребен отпад се мали, но значајни чекори преку кои младите можат да придонесат за одржлива промена.

1

Вклучувањето на средношколците во вакви активностите отвори можност за нов вид соработка меѓу младите од средното и високото образование. Нивното учество ја збогати дебатата со перспективи од секојдневниот живот, а темата за зелениот спорт ја приближи до конкретните избори и навики на младите, посочува и Марјан Љамчевски, виш соработник за култура и спорт на УКЛО.

За учесниците, особено значајна е можноста да размислуваат за спортот и екологијата како меѓусебно поврзани области. Тие ја препознаваат важноста на одговорното однесување при спортските активности, повторната употреба на предмети и опрема, намалувањето на отпадот и грижата за просторот во кој се спортува и престојува. Воедно, ваквиот начин на работа им овозможи да ги споделат своите идеи со студенти, професори и врсници, да слушнат различни мислења и да согледаат дека и индивидуалните постапки можат да придонесат за поширока општествена промена.

2

Посебната вредност на работилниците произлезе токму од поврзувањето на образованието со практичните животни ситуации. Наместо заштитата на животната средина да остане само теоретска тема, младите беа поттикнати да размислуваат како да ја применат во спортот, училиштето, универзитетот и локалната заедница.
Спортско-рекреативните активности и работилниците за зелен спорт уште еднаш ја потврдија важноста на пристапот што го промовира УКЛО КОЛОРС: учење преку соработка, активно учество, почитување на различностите и заедничко создавање одржливи решенија.

Ваквите иницијативи покажуваат дека зелената транзиција започнува и преку секојдневните избори – преку начинот на кој спортуваме, ги користиме ресурсите, се однесуваме кон отпадот и се грижиме за заедничкиот простор. Истовремено, тие ја афирмираат улогата на Универзитетот како место каде што се стекнуваат знаења, но и се развиваат свесни, активни и општествено одговорни млади луѓе.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование