Индексот за најсреќни градови ја рангира благосостојбата во 200 града според 82 различни параметри што сочинуваат глобален коефициент на среќа.
Секоја година Индексот за среќни градови објавува извештај во кој се рангираат најсреќните градови во светот, а резултатите за 2025 се веќе достапни.
Индексот, кој е дело на лондонскиот Институт за квалитет на живот, ги оценува градовите според 82 индикатори распоредени во шест широки категории: управување, животна средина, економија, мобилност, граѓани (вклучувајќи образование и пристап до културни институции), како и новата категорија од 2025 година - здравје. Таа ги опфаќа менталното здравје, безбедноста, исхраната и рамнотежата меѓу работата и приватниот живот.
Врз основа на овие критериуми, градовите се рангирани на три различни листи: злато, сребро и бронза. Првите 31 град што се најдоа на врвот се наречени „златни градови“. Во 2025 година меѓу нив се градови од Европа, Азија, Северна Америка и Јужниот Пацифик.
Авторите на извештајот предупредуваат дека среќата е подвижна цел.
- Не постои идеално место за живеење што гарантира среќа за сите жители. Но, некои градови воведуваат урбани политики со исклучителна мудрост, постојано ги анализираат резултатите и токму тие податоци говорат сами за себе - се вели во извештајот.
Најсреќните градови за 2025 година:
5. Антверпен, Белгија
Сместен на реката Шелда, овој белгиски град доби високи оцени за образовниот систем, транспортната инфраструктура и свеста за здравјето меѓу жителите. Според извештајот, околу 7 отсто од жителите се вклучени во доживотно учење, а речиси една четвртина (24,8 отсто) поседуваат магистерска диплома. Просечниот животен век изнесува 81,2 години, а пристапот до здравствени услуги е одличен - 99 отсто се здравствено осигурани и на секои 1.000 жители доаѓаат 6 лекари. Сепак, градот губи поени поради недостиг на зелени површини: само 0,07 паркови на квадратен километар.

Фото: Freepik
4. Орхус, Данска
Орхус е втор по големина град во Данска. Овој град ги става здравјето и благосостојбата на граѓаните во центарот на своите политики. 100 отсто од населението има здравствено осигурување, а има 4,4 лекари на 1.000 жители. Просечниот животен век е 81,3 години, а граѓаните работат 37 часа неделно. Образованието е приоритет, така што 11 отсто учествуваат во доживотно учење, 20 отсто имаат магистратура, а 86 отсто течно зборуваат барем еден странски јазик. Градот има 1,35 паркови на квадратен километар и дури 53 отсто од транспортот е одржлив. Квалитетот на воздухот е висок, со индекс на честички PM10 од 17.
3. Сингапур
Овој град-држава е симбол на економски просперитет, добра управа и урбана иновација. Со 0,62 паркови на квадратен километар и 67 отсто од транспортот класифициран како „зелен“, Сингапур се истакнува како еколошки град. Жителите имаат очекуван животен век од 83 години, а 15 отсто од возрасните добиваат координирана ментална нега. Градот има дури 101,67 бизниси на 1.000 жители, со ниска невработеност од само 2 отсто. Исто така, се вбројува меѓу најбезбедните градови во светот, со само 3,31 случаи на јавно насилство на 1.000 жители.
2. Цирих, Швајцарија
Цирих не е само банкарска метропола, туку и град со висок квалитет на живот. Просечните примања се за 75 отсто повисоки од националниот просек. Универзитетите во градот се меѓу 50. најдобри во светот, додека трошоците за студирање изнесуваат само 2,9 отсто од личниот доход. Просечниот животен век е 83,8 години, а здравствената покриеност е универзална, со 4,5 лекари на 1.000 жители. Цирих има одлична транспортна инфраструктура: 74 отсто од транспортот е одржлив, а сообраќајните несреќи со смртен исход се сведени на само 0,07 на 10.000 жители. Квалитетот на воздухот е одличен — индексот PM10 е 16.
1. Копенхаген, Данска
Главниот град на Данска е прогласен за најсреќен град во светот во 2025 година. Според индексот, Копенхаген беспрекорно ги спојува историјата, модерното и одржливоста. 11 отсто од жителите се вклучени во доживотно учење, 86 отсто зборуваат барем еден странски јазик, а 20 отсто поседуваат магистерска диплома. Градот има 230,2 бизниси на 1.000 жители, со просечни примања што се за 60 отсто повисоки од данскиот просек. Работната недела трае само 37 часа, а 69 отсто од транспортот е еколошки. Има 0,96 паркови на квадратен километар, универзално здравствено осигурување, 4,4 лекари на 1.000 жители и 17,8 отсто од возрасните добиваат ментална нега. Копенхаген нуди идеален баланс меѓу динамичен живот и длабоко вкоренета грижа за благосостојбата.
Топ-30 најсреќни градови за 2025 година
1. Копенхаген
2. Цирих
3. Сингапур
4. Орхус, Данска
5. Антверпен, Белгија
6. Сеул
7. Стокхолм
8. Тајпеј, Тајван
9. Минхен
10. Ротердам, Холандија
11. Ванкувер
12. Виена
13. Париз
14. Хелсинки
15. Олборг, Данска
16. Берлин
17. Њујорк
18. Дрезден, Германија
19. Брисел
20. Женева
21. Порто, Португалија
22. Барселона
23. Осло
24. Даблин
25. Милано
26. Роскилде, Данска
27. Рејкјавик, Исланд
28. Окланд, Нов Зеланд
29. Аделаида, Австралија
30. Минеаполис
Извор:
Cntraveler.com
Фото: Freepik