X
 07.05.2025 Наша тема

„Преку спортот најлесно и најбрзо може да се реализира инклузијата“, вели Станислав Мирчевски, еден од организаторите на Инклузивниот фудбалски турнир

Спортските активности позитивно влијаат врз расположението кај атипичните деца, тие се посмирени, поопуштени, релаксирани, задоволни и среќни. Спортските активности се како терапија за смирување и подобро расположение кај учениците, вели Станислав Мирчевски, еден од тренерите и организаторите на Инклузивниот фудбалски турнир закажан за утре

Инклузивен фудбалски турнир - Скопје 2025 во организација на ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“- Скопје, под покровителство на Фудбалската федерација на Македонија, ќе се одржи утре на комплексот фудбалски терени при ФФМ во Аеродром. На турнирот ќе земат учество осум училишта со десет екипи со типичен и атипичен развој.

На почетокот тешко го прифаќаа предизвикот спортска инклузија

- Фудбалскиот турнир почна да се одржува пред 10 години како дел од проектот „Здравје“ (кој во себе содржи три сегменти: едукација, спортски активности и храната како лек). Во делот спортски активности под мотото „И ние сме дел од вас“, од пред три години Инклузивниот фудбалски турнир се одржува под покровителство на ФФМ. На почетокот беше тешко да се организира турнирот од повеќе аспекти, односно учениците со типичен развој, нивните родители, нашите колеги со недоверба и тешко го прифаќаа предизвикот спортска инклузија. Потоа финансиските и просторните проблеми на кои наидувавме при реализацијата на турнирот беа предизвик за нас, бидејќи свеста за потребите и можностите на учениците со атипичен развој не беше на потребното ниво и не се зборуваше често за инклузијата. Но со верба во започнатиот проект и упорност, со текот на времето наоѓавме повеќе разбирање од пошироката општествена јавност - раскажува Станислав Мирчевски, еден од тренерите и организаторите на турнирот.



Турнирот многу полесно се организира во последните три години кога како покровител се приклучи ФФМ.

- Како одминуваат годините, емпатијата која се создава помеѓу учениците е сѐ поголема, за што помогнаа и образовните промени во основните училишта, како и проектот „Фудбал за сите“ помеѓу нашето училиште ДСУ „Св. Наум Охридски“ и ФФМ, во кој во изминативе три години организиравме и реализиравме повеќе од 25 инклузивни фудбалски натпревари со повеќе деветолетки и средни училишта од државава. Денес можеме да зборуваме за општа прифатеност на нашите активности - дополнува Мирчевски.

Градење еднакви можности за сите во општеството

- Главна цел на инклузивниот фудбалски турнир е запознавање, дружење помеѓу учениците од атипичен и типичен развој, како и презентирање на способностите и фудбалските вештини и подигнување на натпреварувачкиот дух кај учениците со атипичен развој. Додека за пошироката јавност и типичните ученици целта е да се уверат во можностите и способностите на нивните другари и сограѓани и да помогнеме во прифаќањето на различностите и градење еднакви можности за сите во општеството. Родителите на атипичните ученици се многу радосни и пријатно изненадени од можностите и способностите на нивните деца. По секоја реализирана активност учениците се уверуваат во своите можности и стекнуваат самодоверба - посочува Мирчевски.

Тимот кој работи со учениците со посебни потреби работи во училиштето ДСУ „Св. Наум Охридски“ триесетина години и станува збор за тројца професори со големо работно искуство, како и еден тренер од ФФМ.
За време на тренажниот процес, тие следат принципи како постапност, систематичност, трпеливост, настојчивост, поттикнување, истрајност, поддршка, пофалба кои им носат супер резултати.

- Со успешно реализираните вежби и активности и нивно имплементирање во фудбалската игра, како и пофалбите и наградите за прикажаното се зголемува самодовербата кај учениците со атипичен развој. Прогресот кај учениците е евидентен од повеќе аспекти. На физички план, децата стануваат посилни, побрзи, поиздржливи со успешно совладана елементарна фудбалска техника. Во поглед на спортската дисциплина и спортската едукација, стануваат редовни на тренинг и даваат максимум. Треба да се споменат и стекнатите знаења за начинот и видот на храна што треба да ја консумираат пред и по тренинг и натпревар, како и важноста на одморот пред и по натпревар. Со фудбалските натпревари учениците имаа можност да се дружат, да се запознаат со други ученици и да се социјализираат - изјавува Мирчевски.



Седумдневен фудбалски камп во Охрид

Спортските активности позитивно влијаат и врз нивното расположение, тие се посмирени, поопуштени, релаксирани, позадоволни и среќни. Спортските активности се како терапија за смирување и подобро расположение кај учениците.
Искуството на наставниците овозможува правилно да ги дозираат и да ги приспособат вежбите на децата.

- За голем успех го сметаме менувањето на перцепцијата за можностите и способностите на учениците со попреченост, како кај самите ученици така и кај нивните родители, а и кај пошироката јавност. За успех ја сметаме и соработката со ФФМ, проектот со неа ни овозможи многу добри услови и можности за остварување на нашите заложби - вели Мирчевски.

Тие организираат и седумдневен фудбалски камп во Охрид за кој велат дека е круна на нивната соработка со ФФМ и одлична можност за осамостојување и напредување на учениците.

- Преку спортот и спортските активности може најлесно и најбрзо да се реализира инклузијата во нашето општество, но не по секоја цена. Искуството ни кажува дека пред да се вклучат учениците во која било спортска активност, мора добро да се подготват низ подолг тренажен процес за да не ја изгубат својата самодоверба. Инаку, широчината на спортските активности нуди можност за активно вклучување на учениците со атипичен развој во секојдневните спортски активности, како што се планинарење, фудбал, одбојка, фитнес, кошарка и др. спортски активности. Важно е да не се избрзува со инклузијата и по секоја цена да се реализира без претходно да се подготват сите чинители на општествениот живот - подвлекува Мирчевски.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема