X
 07.06.2018 Живот

Лажичката како спас од присилен брак

Еден аеродром и активисти за човекови права во Гетеборг ги советуваа сите девојки што се потенцијални жртви на киднапирање со цел стапување во брак или обрежување да стават лажичка во гаќите.

Имено, вработените на аеродромот се обучени како да реагираат во вакви ситуации. Лажичката ќе ги активира детекторите на метал, поради што девојките ќе бидат одведени настрана или во кабина за да бидат претресени. Тогаш ќе можат да им кажат на службениците за што станува збор.

Шведската национална линија за помош добила 139 повици со кои биле пријавени бракови со деца или присилни бракови. Активистите ги охрабруваат и другите градови да го следат примерот на Гетеборг и да ја усвојат иницијативата „лажичка“ за да ги заштитат девојките.

Идејата ја покрена британското добротворно здружение „Карма Нирвана“, кое соопшти дека оваа тактика веќе спасила голем број девојки во Велика Британија од присилни бракови. Тие побарале и повисоки казни за присилните бракови откако полицијата открила дека во последните три години имало 3.500 случаи.

Во 2016 година еден татко беше осуден бидејќи ја присилил својата ќерка да се омажи откако со измама ја одвел во Авганистан. Две години претходно беше спасено едно 14-годишно девојче чиј татко го одвел во Етиопија за да се венча со роднина. Таа била спасена откако побарала помош од педагог во училиштето во кое учела, и тоа преку „Фејсбук“.

Според податоците на невладините организации, а врз основа на студија изработена во 2015 година, 38.000 девојчиња и жени во Шведска подлежат на обрежување на половиот орган. Најголемиот дел од тие жени се од Сомалија, Еритреја, Етиопија, Египет и Гамбија.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот