Јана Видановска од Битола е прогласена за студент на генерацијата за 2023/2024 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Студиите ги заврши со просек 10, за време на студирањето ја фасцинирало програмирањето, а на натпреварите по роботика успеа да програмира и движење на роботска рака. Таа вели дека резултатите ги должи на личниот труд и поддршката од семејството.
- За да го стекнам високиот просек, придонесе мојата силна лична цел - темелно да ги совладувам концептите. Донекаде имав и страв од неуспех, кој ме туркаше да се трудам уште повеќе. Оваа амбиција бараше голем труд, посветеност и одредени жртви. пред сѐ, моето време. Важна улога имаше и мојата фамилија, постојано ме поддржуваше - и морално, но и преку обезбедување ресурси за учење. Без таа поддршка, сѐ ќе беше значително потешко - вели Видановска.
Подготовка на испитите од почетокот на семестарот
Во однос на тоа која е формулата за постигнување толку висок просек на факултет каде што математиката има доминантна улога, таа открива дека подготовките за испити ги започнувала уште од самиот почеток на семестарот.
- Редовно водев белешки од теоретскиот дел и тековно ги решавав задачите. Се фокусирав на активно учење и самоиспитување - техники што ми овозможуваа да ги идентификувам празнините во знаењето и да работам на нивно совладување - додава таа.
Најстресниот момент дефинитивно ѝ бил во првиот семестар, ден пред првиот колоквиум по физика. Се чувствувала дека со секоја наредна решена задача само повеќе ѝ испарува знаењето. Била решена да не оди на колоквиумот, но мајка ѝ ја убедила дека ништо не може да изгуби ако се обиде.
- Утредента, испаничена, ненаспана и со големо колебање отидов да полагам - и сосема неочекувано - секое прашање и задача ми беа познати. Тогаш сфатив дека колоквиумите се прекрасна шанса - ништо не губиме ако не успееме, а значително си ја олеснуваме работата во иднина ако го положиме - вели Видановска.
Секој нареден семестар полесен од претходниот
Со текот на времето развила свои методи на учење и секој нареден семестар ѝ бил полесен од претходниот. Не затоа што објективно бил полесен, туку бидејќи веќе имала стекнато добри навики за учење и самодоверба во своите способности.
Најсреќните моменти ѝ биле учествувањето во организирањето на натпреварите по роботика - Робомак 2023 и Робомак 2024.
- Работев на програмирање роботска рака - да се движи, да детектира форми и бои, и да подигнува и да реди коцки. Многу исполнувачко беше чувството кога вложениот труд и линиите код се претворија во нешто видливо, физичко. Роботската рака се движеше и се однесуваше токму онака како што сме замислиле. Робомак е натпревар полн со позитивна енергија и страст кон учењето и успехот - се присетува Видановска.
Обожава да креира компјутерски игри
За време на студирањето особено ја фасцинирало креирањето компјутерски игри како уникатен начин кој ги спојува програмирањето, решавањето проблеми, креативноста и визуелната уметност, а уметноста е уште една нејзина голема страст.
- Инспирирана од позитивното искуство со овој проект, одлучив и мојата дипломска работа да е на тема поврзана со развојот на компјутерски игри. Посветив пет месеци создавајќи друга, поголема и подобро осмислена игра - од дизајнот, целиот код и корисничкиот интерфејс, до визуелната уметност, анимациите и сите мали детали што се потребни за да се заокружи ваков проект. Оваа дипломска работа ја сметам за мој најзначаен академски успех, не само поради крајниот резултат, туку и затоа што преку целиот процес сфатив дека програмирањето е нешто што навистина можам и сакам да го работам професионално – објаснува Видановска.
Ни една државна или приватна фирма не ја исконтактирала, самата си нашла работа
За жал, високиот просек на факултетот имал улога само во добивањето понуда од Институтот за компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика за работен ангажман. Надвор од академската средина, ниту една приватна или државна фирма не ја исконтактирала за работа.
- Иако подолг период бев пријавена во Агенцијата за вработување, не почувствував дека просекот ми донесе конкретна предност во процесот на вработување. Ова искуство ми покажа дека високите академски резултати се важни, но не се доволни сами по себе - потребна е и поддршка од системот, препознавање од индустријата и поголема поврзаност меѓу факултетите и пазарот на труд - вели Видановска.
Откако не добила никаква форма на поддршка од државата при вработувањето, процесот на барање работа го поминала самостојно. Веќе пет месеци работи како софтверски инженер во канадска компанија и многу е задоволна од досегашното искуство.
- Во моментот живеам во Битола, но работам за странска компанија затоа што ми одговара флексибилноста - можам да работам во различни работни времиња и од која било локација. Сметам дека продуктивноста не зависи од физичката локација, туку од условите што се создаваат за работа и учење. Не би имала проблем да работам и за македонска компанија доколку би добила услови и понуда што се усогласени со моите вредности, интереси и професионални цели. Поважно ми е да бидам дел од средина која негува развој, почит и иновација, без разлика дали се наоѓа тука или во странство - заклучува Видановска.
Фото: приватна архива