„Успехот не е резултат на талент сам по себе, туку на континуирана посветеност, љубопитност, дисциплина и огромна љубов кон тоа што го учам“, вели Надица Кремшовска, која беше прогласена за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2023/2024 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Надица Кремшовска е најдобар студент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.
- Успехот не е резултат на талент сам по себе, туку на континуирана посветеност, љубопитност, дисциплина и огромна љубов кон тоа што го учам. Да се биде меѓу најдобрите студенти во Македонија е огромна чест и секако мотив да продолжам уште посилно и посветено - вели Кремшовска.
Интересот за оваа област Надица го развила од желбата да придонесе кон заштитата на природата.
- Интересот за оваа област се разви природно, од љубопитност и желба да придонесам кон заштитата на природата. Не би рекла дека гените беа пресудни, туку повеќе мојата свесна одлука да работам нешто што има вистинско значење за животната средина и општеството - открива Надица.
Додека студирала, не се соочила со некои екстремно тешки предизвици и како и секој студент, успевала да избалансира помеѓу студирањето и приватниот живот.
- Имам среќа што студирав во средина каде што професорите беа достапни и отворени за комуникација. Односот беше повеќе од формален – тие беа ментори, советници и често мотиватори. Секогаш беа подготвени да помогнат ако покажеш интерес и иницијатива - додава таа.
Надица смета дека сите предмети имаат своја убавина, но оние што ѝ пробудиле најголем интерес се предметите од Катедрата на екоинженеринг и екоменаџмент.
- Преку нив се стекнав со поширока смисла за одржливото планирање и влијанието на човекот врз животната средина - истакна Надица.
Во моментов е запишана на додипломски студии, насока шумарство, исто така при Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.
- Секако, размислувам и за магистерски студии – би сакала да се доусовршам, можеби во странство, со фокус на одржливо управување или еколошко планирање - вели најдобрата студентка.
Ова е релативно нова област на студирање и истражување во Македонија, но е иднината на секоја земја поради сѐ поголемата потреба од решавање на еколошките проблеми и заштитата на животната средина.
- Ова не е само професија, туку спој на уметност, наука и одржливост. Екоинженерингот и екоменаџментот помагаат да ги решаваме еколошките проблеми и да ја заштитиме природата. Во Македонија оваа област сè уште се развива, но има голем потенцијал и потреба од инженери за одржлив развој - заклучи Надица.
Фото: приватна архива