X
 07.08.2025 Живот

Поради климатската криза, се планира колективна миграција на цела држава

На 18 јули заврши пријавувањето за првата програма во светот што овозможува колективна миграција на една цела нација — жителите на Тувалу ќе имаат можност да се преселат во Австралија поради климатските закани. Пристигнати се повеќе од 5.000 апликации.

Според условите на програмата, по 280 жители на Тувалу ќе можат да се селат во Австралија секоја година, почнувајќи од 2025 година, преку систем на извлекување. Четири дена по отворањето на лотаријата, 3.125 луѓе, приближно една третина од населението на Тувалу кое брои околу 11.000 жители, веќе се пријавиле. До 11 јули бројот на пријави достигнал 5.157.

- Ова е прв договор од ваков вид во светот, кој овозможува достоинствена мобилност во услови на влошени климатски влијанија - изјавуваат претставници на австралиската влада.

Претставниците додадоа дека го препознаваат разорното влијание што климатските промени го имаат врз животот, безбедноста и благосостојбата на ранливите земји и народи, особено во пацифичкиот регион.

Тувалу се наоѓа на половина пат помеѓу Австралија и Хаваи, во Јужниот Пацифик. Се состои од девет ниски атоли - острови во форма на прстен опкружени со корални гребени. Највисоката точка на државата е 4,5 метри надморска височина, но просечната височина е само 2 метра, што ја прави исклучително подложна на покачување на нивото на морето, поплави и бури предизвикани од климатските промени.

Во 2023 година морското ниво околу Тувалу беше за 15 сантиметри повисоко од пред 30 години
 
Според резултатите, до 2050 година голем дел од земјиштето и клучната инфраструктура ќе бидат под нивото.

Покрај земјиштето, покачувањето на нивото на морето ги загрозува и изворите на пивка вода бидејќи солената вода навлегува во подземните води. Овој процес се случува затоа што морската вода продира сè подлабоко. 

Новата виза, официјално наречена Договор за унија Австралија–Тувалу Фалепили (Australia-Tuvalu Falepili Union treaty), беше потпишана кон крајот на 2023 година и стапи во сила во 2024 година. Таа претставува прв случај на планирана миграција на цела држава во светот, овозможувајќи им на жителите на Тувалу да живеат, работат и да студираат во Австралија со исти права на здравствена заштита и образование како и австралиските граѓани. Добитниците на визата не се обврзани да се преселат трајно и можат да се враќаат дома колку што сакаат.

- Ова е можеби прв глобален преседан каде што миграцискиот пат е експлицитно поврзан со климатските промени и порастот на морското ниво - изјави Весли Морган, истражувач на Институтот за климатски ризици и одговор при Универзитетот на Нов Јужен Велс.

Морган додаде дека Австралија во иднина може да постигне слични договори и со други пацифички островски држави, како Кирибати.

Првите мигранти би можеле да пристигнат во Австралија до крајот на 2025 година. Годишната граница од 280 луѓе е воспоставена за да се спречи одлив на стручен кадар и економски последици за Тувалу, но би можела да претрпи промени во иднина доколку се појават проблеми.

Комбинирано со други форми на иселување од Тувалу, новата виза значи дека речиси 4 отсто од населението може да ја напушта државата секоја година, вели професорката по право Џејн Мекадам од Универзитетот на Нов Јужен Велс. Ако бројките останат слични на долг рок, а луѓето не се враќаат, речиси 40 отсто од населението на Тувалу може да ја напушти државата во наредните 10 години, заклучи таа.

Извор: Livescience.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот