X
 12.08.2025 Живот

Што значи да се биде богат во Нов Зеланд

Со своите прекрасни пејзажи, богатата маорска култура и репутацијата како авантуристичка престолнина на светот, Нов Зеланд е земја од соништата за патниците и иселениците. Но, што навистина значи да се биде богат во Нов Зеланд?

Без разлика дали размислувате да се преселите или само сте љубопитни за живеење во Нов Зеланд, разбирањето на трошоците за живот, просечните плати и можностите за виза може да ви помогне да одлучите дали оваа островска земја е вистинската за вас.

„Господарот на прстените“ од Питер Џексон го претстави Нов Зеланд на сосема нова публика, воодушевена од неговите прекрасни пејзажи. Постои клише дека во земјата има повеќе овци отколку луѓе. Според податоците на АП, има 23,6 милиони овци и 5,3 милиони луѓе, што значи дека има околу 4,5 овци на секој Новозеланѓанец.

Токму оваа природна убавина, авантура и култура го поставија Нов Зеланд на 8. место на листата со најдобри земји во светот од списанието „Конде наст травелер“. Нов Зеланд беше рангиран и на 9. место на листата со најдобри земји во светот од страна на „Ју-ес-еј њуз“ за 2024 година. Тоа е едно место пониско отколку во 2023 година, кога беше осми.


Сепак, постигна високи резултати во категории како што се авантура, квалитет на живот и социјална цел. Беше на второ место кога станува збор за условите за удобен живот во пензија.

Да се биде богат во Нов Зеланд - просечна годишна плата

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) наведува дека просечниот нето-приход по глава на жител во Нов Зеланд е околу 39.024 долари годишно. Тоа е пониско од просекот во САД (51.147 долари), но повисоко од просекот на ОЕЦД (30.490 долари). Интересно е што кога од Новозеланѓаните беше побарано да го оценат своето целокупно задоволство од животот на скала од 0 до 10, тие постигнаа просек од 7,3, повисок од просекот на ОЕЦД од 6,7.

Да се биде богат во Нов Зеланд - колку чинат трошоците за живот?

Трошоците за живот во Нов Зеланд се малку пониски отколку во Соединетите Американски Држави. Според податоците од веб-страницата „Нумбео“, месечните трошоци за живот за едно лице, без кирија, во земјите подолу се:

• Швајцарија: 1.659 долари
• Франција: 1.200 долари
• САД: 1.166 долари
• Германија: 1.139 долари
• Ирска: 1.112 долари
• Велика Британија: 1.095 долари
• Австралија: 1.050 долари
• Канада: 1.023 долари
• Нов Зеланд: 1.012 долари
• Јапонија: 927 долари
• Италија: 905 долари
• Латвија: 874 долари
• Грција: 832 долари
• Малта: 801 долари
• Шпанија: 731 долари
• Тајланд: 650 долари
• Мексико: 637 долари
• Португалија: 592 долари
• Филипини: 573 долари
• Бразил: 466 долари

Одредени трошоци, како што е домувањето, можат да бидат значително повисоки отколку во Европа. Кириите во Нов Зеланд можат да бидат околу 19 % повисоки отколку во Франција. Сепак, во споредба со Соединетите Американски Држави, кириите во Нов Зеланд се околу 38 % пониски. Цените во рестораните во Нов Зеланд се околу 15 % пониски отколку во САД, додека намирниците се околу 9 % поевтини.

Богатство во Нов Зеланд - просечна нето-вредност

Според Индексот на глобално богатство за 2024 година, Нов Зеланд се рангира меѓу 10. најбогати земји во светот во однос на просечното и средното богатство. Просечната нето-вредност по возрасен изнесувала 408.231 американски долар. Според истражувањето од 2021 година, средното (просечно) богатство на домаќинствата во Нов Зеланд изнесувало околу 397.000 долари.


Добивање златна виза или виза за дигитален номад


Нов Зеланд нуди повеќе опции за виза за оние што сакаат да живеат и да работат во земјата. Премиерот неодамна ги олесни условите за добивање златна виза, отстранувајќи го условот за познавање на англискиот јазик. Воведени се и два нови вида инвестициски портфолија со различни минимални барања за престој во земјата - од 21 до 105 дена. Износите што треба да се инвестираат се движат од 2,9 милиони долари во текот на три години до 5,8 милиони долари во текот на пет години.

Во февруари владата на Нов Зеланд воведе и виза за дигитален номад, која за разлика од оние во другите земји не бара минимален месечен приход. Сега е можно патниците да работат за странски работодавец додека се во земјата, што претходно беше забрането.


Нов Зеланд се обидува да привлече повеќе туристи за да го врати бројот на посетители на нивото од пред пандемијата. Со прифатлив и опуштен начин на живот, пејзажи што покануваат авантура и нова виза за дигитални номади, Нов Зеланд - и покрај неговата оддалеченост од многу места - никогаш не бил поблиску.

Извор: forbes.n1info.rs

Фото: Freepik/Instagram

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот