X
 07.09.2023 Живот

Тажни сте периодов? Не сте единствени

Можеби сте тажни затоа што вашите омилени летни активности се при крај или затоа што деновите ќе станат пократки. Можеби едноставно чувствувате вина бидејќи не ги направивте сите активности што ги планиравте во текот на летото.

Без разлика која е причината, овие емоции се сосема нормални и психолозите ги препознаваат кај многу луѓе. Постои нарушување при кое лицето има тешки депресивни епизоди кога се менуваат одредени годишни времиња, но ова нарушување има нагласени симптоми. Од друга страна, луѓе без ова нарушување може да чувствуваат тага при крајот на летото, но не на истото ниво за да биде потребна интервенција.

Што предизвикува појава на тага на крајот од летото?

Исчекувањето се зголемува како што преминуваме од пролет во лето. Правиме големи планови за да видиме повеќе луѓе, да одиме на одмор и да имаме забавни активности. Деновите се подолги, обврските се помали и постои чувство на носталгија додека се навраќаме на забавата што ја имавме во текот на детството. Кога ги имаме тие големи  очекувања, лесно ќе се разочараме ако не ги исполниме.


Фото: Pixabay

Како што објаснува терапевтот Бони Скот, како што чувствуваме дека деновите се пократки и доаѓа ново годишно време, нашите мозоци го препознаваат поминувањето на времето, а тоа потсвесно или свесно може да донесе чувства за смртност.

Како да го надминете ова чувство?

Треба да знаете дека многу други луѓе ги имаат истите чувства. За среќа, постојат некои стратегии кои може да ви помогнат да се чувствувате подобро и да им се радувате на месеците што следуваат.

Славете ги летните спомени

Погледнете наназад и размислете што правевте последните месеци. Тоа може да ви помогне да сфатите дека сте постигнале повеќе отколку што мислите. Може да направите албум со фотографии, да го украсите домот со нешто што ве потсетува на летото или да слушате музика која ве потсетува на летото.

Создајте ритуал за крај на летото

Друг начин на кој може да му дадете почест на летото е со ритуал кој може да го повторувате секоја година. Тоа може да биде некое кратко патување или друга активност која ќе ви помогне да се потсетите на убавите моменти од летото.

Прифатете ги чувствата

Прифаќањето на чувствата е првиот чекор кој мора да го направите за да се чувствувате добро сега и во иднина. Тоа може да го направите со запишување на чувствата или размислување за нив.

Ново хоби

Ново хоби или нова активност може да направи да се чувствувате возбудени за она што следува. Ова ќе ви даде нова перспектива и ентузијазам за промената на годишните времиња. Одберете активност или хоби што ќе одговара на вашата личност и ќе ве прави среќни.

Направете планови за иднина

Во природата на човекот е да се фокусира на доброто што следува, па затоа може да направите листа со работи што сакате да ги правите оваа есен. Може да направите план за патување или активности со најблиските. Намерно оставете време за себе и за одмор бидејќи обврските веројатно ќе се множат.

Извор: Very well mind
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот