X
 07.09.2025 Наша тема

Научници открија во кое време од денот сме најпаметни

Дали имате забележано дека во одредени делови од денот работите побрзо, појасно размислувате и полесно се фокусирате?

Тоа не е случајност, туку последица на нашиот внатрешен биолошки ритам, таканаречен циркадијален циклус. Овој циркадијален циклус влијае врз тоа кога нашиот мозок и тело функционираат најдобро.

Без разлика дали сме млади или стари, дали сме утринска личност или ноќна птица, сите секојдневно минуваме низ различни „тестови“. Понекогаш тоа се вистински испити, но почесто се важни разговори, состаноци или носење одлуки.

Ретко размислуваме кога е најдобро да се извршат важни задачи и тоа е грешка, според истражување неодамна објавено во списанието „Фронтиерс ин сајколоџи“.

Научниците анализирале резултати од повеќе од 100.000 усни испити кои се полагале на еден италијански универзитет и пронашле јасен образец во стапките на полагање со врвот точно напладне.

Времето помеѓу 11 и 13 часот се покажало како идеално. Порано и подоцна, шансите студентите да положат биле значително помали.

Всушност, колку порано или подоцна во текот на денот се полагал испитот, толку била помала веројатноста студентот да положи. Причината? Делумно затоа што когнитивните способности се подобруваат наутро, а потоа опаѓаат попладне. Улога игра и намалувањето на енергијата.

Ако имате закажан „тест“ доцна попладне, веројатно цел ден ќе бидете под стрес поради него, а стресот неизбежно води кон послаби резултати.

И личноста која ве оценува има голема улога.

- Постепениот пад на успехот попладне може да се објасни со исцрпеност, бидејќи когнитивните способности и на студентот и на тестаторот опаѓаат под влијание на стресот. Тоа ја нарушува самоконтролата. Конкретно, како што опаѓаат когнитивните ресурси, луѓето стануваат помалку флексибилни, што може да доведе тестаторите да донесуваат повеќе негативни одлуки - пишуваат истражувачите.

Врвот на успехот околу пладне најверојатно ја одразува оптималната рамнотежа меѓу усогласеноста на хронотипот (природниот ритам - утринска личност или ноќна птица) и нивото на ментален замор.

Затоа, секогаш кога е можно, внимателно избирајте го времето за извршување на важни задачи без разлика дали станува збор за испит, важен состанок, разговор за работа или презентација пред надредените.

Точниот тајминг може да биде клучен за вашиот успех.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема