Луѓето активирале имунолошки одговор откако влегле во виртуелен свет полн со болни луѓе, покажува нов експеримент. Самото присуство на болни луѓе може да го поттикне нашиот имунолошки систем дури и кога тие не се вистински, открива ново истражување.
Телото не чека болеста да се појави за да почне со одбрана. Самото присуство на болни луѓе, макар и виртуелни, може да го активира имунолошкиот систем, според ново истражување.
Швајцарски истражувачи користеле виртуелна реалност во истражување, објавено во списанието „Нејчр неуросајнс“, за да ги тестираат биолошките реакции на луѓето на потенцијални здравствени закани. Според нив, виртуелната реалност би можела да биде корисно дополнување на другите методи за зајакнување на имунитетот, како вакцините.
За време на експериментот, научниците поврзале 248 здрави млади луѓе на апарати за мерење на мозочната активност. Потоа, учесниците ставиле очила за виртуелна реалност и влегле во виртуелен свет полн со болни луѓе. Некои од аватарите покажувале симптоми како исип или кашлица, додека другите биле исплашени или неутрални.
Кога болните се приближувале до учесниците, нивниот мозок се активирал на начин што не се случувал при приближување на аватари со неутрални или исплашени лица. Поточно, се активирале деловите од мозокот задолжени за препознавање важни стимули, како што се заканите.
Крвните тестови покажале засилен имунолошки одговор
Крвните примероци земени од учесниците изложени на болните аватари покажале зголемена активност на вродените лимфоидни клетки - клучен дел од имунолошкиот одговор. Овие клетки се активираат при закани од патогени и му помагаат на телото да реагира брзо.
Телото реагира на сличен начин како при вистинска инфекција, на пример, по вакцинација против грип.
- Очекувавме, ако воопшто има реакција, таа да биде многу блага. Не очекувавме да видиме промени во клетките само по неколку часа - вели д-р Камила Јандус, една од авторките на студијата и имунолог на Универзитетот во Женева.
Овие наоди покажуваат дека нашиот мозок може да препознае потенцијална инфекциска закана дури и пред директен контакт со болна личност, поттикнувајќи го имунолошкиот систем да се активира во одбранбен режим, велат истражувачите.
Имунитетот и мозокот - сè уште нерешена енигма
Истражувачите сè уште не знаат како мозокот и имунолошкиот систем соработуваат при борбата со патогени, ниту дали имунолошкиот одговор поттикнат од очилата за виртуелна реалност е исто толку силен и долготраен како оној предизвикан од вакцина.
Но, нивните наоди се поклопуваат со претходни истражувања кои посочуваат дека телото се однесува како аларм кој реагира на потенцијални здравствени закани дури и кога станува збор за лажна тревога. Анксиозност, воспаление, болка, повраќање, кашлица и дијареја можат да бидат заштитни реакции.
Истражувањето е едно од првите од ваков вид, па ќе бидат потребни поголеми истражувања за да се потврдат резултатите.
Фото: Freepik