X
 08.01.2019 Технологија

Дали ги привлекувате хакерите?

Сѐ повеќе луѓе секојдневно го користат интернетот за сѐ повеќе работи - од бизнис и забава до извршување на секојдневните обврски, како пазарење или плаќање сметки. Но, без оглед на тоа колку сте уверени дека сте внимателни или дека не сте интересни за хакерите, постои одредена група на луѓе која експертите за компјутерска безбедност ја нарекуваат ризична и подложна на сајбер-напад.

Што точно значи тоа и дали спаѓате во таа група?

Според истражувањето спроведено од државниот универзитет во Мичиген, однесувањето на поединците на интернет многу влијае врз тоа колку тие ќе бидат „привлечни“ за хакерите, односно колку ќе бидат подложни на вируси и злонамерни програми.

- Луѓето што покажуваат знаци на слаба самоконтрола се поподложни на напади на малвер - истакнува професорот по криминалистика Томас Холт.

Тоа значи дека сите што импулсивно купуваат на интернет, нелегално преземаат мултимедиумски содржини (музика, серии и филмови), па дури и претерано ја користат е-поштата спаѓаат во ризичната група.

Според Холт, луѓето што имаат послаба самоконтрола почесто влегуваат во ризични ситуации и прават непромислени потези и нелегални активности.

Токму интернетот на таквите поединци им овозможува да ги исполнат своите желби и потреби и ги прави поранливи. Во текот на истражувањето било испитано како се однесувале учесниците во одредени ситуации, но и како нивниот компјутер се однесувал потоа.

Како што појаснува Холт, хакерите знаат дека луѓето со ниска самоконтрола сурфаат на интернет во потрага по работи што ги сакаат (или мислат дека ги сакаат). Кога ќе препознаат што сакаат луѓето, хакерите се и повеќе од подготвени да им ги „исполнат“ нивните желби.

Иако програмите за безбедност можат да го намалат ризикот, најчесто однесувањето на корисникот е одговорно за различни зарази на компјутерот и компромитирање на безбедноста на неговите податоци. Затоа Холт се надева дека сфаќањето на психолошката страна на самоконтролата и на типот на луѓе чии компјутери најчесто се заразени со малвер би помогнало во борбата против сајбер-криминалот. Бидејќи ако експертите за безбедносна сигурност го разберат однесувањето на корисникот, можат и да се обидат да го заштитат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија