X
 08.01.2020 Наша тема

Што ни е потребно за среќа? Фросина Денкова-Зафировска предлага чекори кои ќе ја поместат стрелката на среќомерот надесно

Потврдено е дека благодарноста навистина придонесува за среќа, па затоа од исклучителна важност е да создадеме навика на благодарност

„Живеј го мигот“. Колку пати ни паднала на ум оваа прекрасна препорака, сме ја вградиле во резолуцијата за новата година, а завршила како одлуката „Од утре на диета“. Да се биде среќен е и одлука и вежба и склоп на околности и многу често не зависи од копче кое само ќе го притиснеш за машината да проработи.
Има цела низа истражувања, препораки и мудрости за среќата, а откако ќе ги прочитаме и ќе се согласиме со нив, лесно забораваме да ги примениме.
- Многупати сме слушнале дека среќата е многу субјективна и во суштина она што една личност може да ја направи среќна може да го нема ни приближно истиот ефект кај друга личност. Од друга страна, науката дојде до интересни сознанија откривајќи дека дали ќе бидеме среќни или несреќни во животот зависи дури 50% од наследните фактори. Многу луѓе се обесхрабруваат кога ќе го слушнат овој факт, претпоставувајќи дека она што е наследно е и тешко менливо, но, сепак, личносните особини, иако се дефинираат како релативно трајни карактеристики со упорност, работа на себе и желба за промена, и тоа како можат да се променат - вели доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник.

Ако формулата за среќа вели дека таа 50% проценти зависи од наследството, 10% од околностите во кои се наоѓаме, а 40% (да, дури 40% проценти) од фактори што се под наша волна контрола, тогаш ајде најпрво да видиме што е она што луѓето ги спречува да се фокусираат на тие 40% и да се обидат да бидат посреќни.



Денкова-Зафировска ни подготви чекори кои може значително да ја помрднат надесно стрелката на нашиот среќомер, а се лесно применливи и зависат само од нас.

Прочитајте ги.

1. Секој човек има свој личен термостат на среќа, кој е специфичен за личноста и на кој се враќа и по случување на големи и значајни позитивни и негативни настани. Имено, психолозите правеле истражувања и на луѓе што преку ноќ значително се збогатиле и на луѓе што доживеале сосема неочекуван значаен негативен настан (како сообраќајна незгода, по која останале со некаков хендикеп). Резултатите покажале дека и едните и другите по извесен период (1 година) се враќаат на својата стара состојба во однос на чувството на лично задоволство и среќа.

2. Покрај личниот термостат на среќа кој, ако не се потрудиме, нè враќа на старата состојба, постои нешто што психолозите го нарекуваат „навика на среќа“. Имено, ние луѓето, толку лесно и брзо се навикнуваме на добрите и убавите работи што ни се случуваат, што веднаш почнуваме да ги земаме здраво за готово. Така, сетете се на вашиот прв мобилен телефон, кој немал убава камера, ниту пак екран во боја, имал лимитирани апликации и интернет, а сепак колкава среќа и задоволство ви предизвикал. Од денешна перспектива, имајќи смартфон, апсолутно ни е неприфатливо да се вратиме и да користиме таков „стар телефон“ зашто, нели, денес телефонот е „потреба“. Идејата е дека дали се работи за телефон, автомобил, нов дом, подобар социјален статус или што било друго, ние многу лесно се навикнуваме на новата и подобра состојба, на почетокот сме среќни и возбудени, но по извесно време се навикнуваме, нашата среќа спласнува и бараме нешто ново, нешто подобро...

3. Третата блокада на среќата се однесува на споредбата со другите луѓе. Уште поинтересно е што ние немаме навика да се споредуваме со кој било, туку споредбата ја правиме со оние што ни се блиски, што се дел од кругот на пријатели и познајници, колеги и кои по нешто ги доживуваме слични на нас. Така, луѓето воопшто нема да ги погоди тоа што некоја позната личност заработила милиони, но доколку некој од нејзиното блиско опкружување постигне значителна заработка, веројатно ќе предизвика поголема „љубопитност“. Како и да е, споредбата со другите најчесто е деконструктивна и не ѝ оди во прилог на среќата.


Фросина Денкова-Зафировска

Досега зборувавме за блокадите на среќата, но, сепак, науката, а особено позитивната психологија, чиј централен термин е среќата, преку своите истражувања дава насоки за тоа кои фактори кај луѓето придонесуваат да бидат посреќни и позадоволни:

- Еден од често споменуваните фактори за среќа е чувството на заедништво. Имено, голем дел од истражувањата потврдуваат дека за среќа е навистина неопходно да имаме барем една блиска личност во својата околина на која можеме да се потпреме, да ѝ веруваме и со која можеме да споделуваме. Затоа, од исклучителна важност е да ги негуваме пријателствата и релациите со другите луѓе за да бидеме посреќни.

- Колку и да изгледа како клише, грижата за себе и своето здравје е навистина предуслов за среќа. Грижа за тоа колку часа спиеме, како се храниме и дали практикуваме одредена физичка активност. Познато е дека хормонот на среќа - ендорфинот се ослободува при физичка активност и за почеток не мора да е нешто премногу, одредете ден за пешачење, на пример, „секој четврток“ и потрудете се сите ваши активности да ги реализирате без користење некое превозно средство. Па дури и можете да комбинирате повеќе активности во една, на пример, дружбата со пријател да биде пешачење од точка А до точка Б, додека истовремено го пиете вашето кафе.

- Креирање спомени, а особено спомени врзани со нови места и искуства. Препораката е барем еднаш годишно да се отиде на некое ново место, место на кое не сме биле досега. И не, тоа не мора да биде патување на некоја егзотична дестинација и не мора да чини многу. Новите работи и искуства подолго ги паметиме, а особено ако се позитивни и ако ги асоцираме со одредено постигнување (на пример, унапредување, завршување одреден проект, дипломирање, па дури и годишнина или роденден). Од друга страна, воведувањето новитети, воопшто, и можноста на веќе воспоставените навики да им дадеме нова перспектива, придонесуваат за поголема среќа. Тоа може да биде испробување на нови тематски рецепти во кујна на редовната средба со вашите пријатели, воведување нова рута на патот кон дома, воведување некоја нова навика, стекнување некоја нова вештина....

- Потврдено е дека благодарноста навистина придонесува за среќа, па затоа од исклучителна важност е да создаваме навика на благодарност. Таа придонесува за фокус на она што го имаме и она што ни се допаѓа наспроти постојаната желба да се стремиме кон нешто што ни недостига. Воведете аларм за благодарност и секојпат кога ќе заѕвони алармот, потсетете се барем на една работа за која сте благодарни тој ден.

- Помагањето на другите околу нас исто така придонесува за нашето чувство на среќа, исполнетост и задоволство. Кога последен пат сте направиле добро дело без некој да го побара тоа од вас? Препораката е да престанеме да прашуваме кога и дали на другиот му е потребна помош, туку едноставно да помогнеме. Ефектот е воодушевувачки. Обидете се!

- Практикување активности со кои можеме да го доживееме таканареченото чувство на flow може да направи голема разлика во доживувањето на личната среќа. Тоа се оние активности кои додека ги правиме, ни предизвикуваат чувство на исполнетост до таа мера што забораваме каде сме и колку е часот и во нив навистина уживаме. За некој тоа е готвењето, за некој пишувањето поезија, изработка на нешто креативно, спортување и слично. За една активност да може да ни предизвика flow ефект, потребно е таа да е предизвикувачка за нас, да бара вложување енергија за нејзино извршување и да не може да се изведе без одредени вештини.

За крај би напоменала дека универзална формула за среќа нема, но, сепак, постојат одредени насоки кои практикувајќи ги, можат да влијаат врз нашата среќа. И да, среќата понекогаш знае да биде во малите работи, но дури и тие за секој од нас се различни и специфични.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема