X
 08.02.2024 Наука

На Американка ѝ вградија мозочен имплант за лекување опсесивно-компулсивно нарушување и епилепсија

Американката Амбер Пирсон си ги миела рацете додека не почнеле да ѝ крварат, преплашена од идејата за контаминација од секојдневните предмети, што е исцрпувачкиот резултат кој произлегува од нејзиното опсесивно-компулсивно нарушување (OCD).

Но, повторливите ритуали на нејзината состојба во голема мера се предадени на меморијата, благодарение на револуционерниот мозочен имплант што се користи за лекување и на нејзината епилепсија и на опсесивно-компулсивното нарушување.

- Сега всушност сум присутна во мојот секојдневен живот и тоа е неверојатно. Претходно, во главата постојано се грижев за моите опсесии - изјавила 34-годишната девојка. 

Мозочните импланти неодамна се најдоа на насловните страници со објавата на Илон Маск дека неговата компанија „Невралинк“ поставила чип во главата на пациент, за кој научниците се надеваат дека на крајот ќе им овозможи на луѓето да контролираат паметен телефон преку мислите. Но, идејата за вметнување уред во човечкиот мозок не е нова, а лекарите со децении знаат дека прецизно применетата електрична стимулација може да влијае врз начинот на кој функционира мозокот. Таквата длабока мозочна стимулација се користи во третманот на Паркинсоновата болест и други состојби кои влијаат врз движењето на луѓето, вклучително и епилепсијата.

Лекарите ѝ го понудиле на Пирсон уредот од 32 милиметри за лекување на нејзините епилептични напади кои ја исцрпувале, уверени дека тој ќе може да ја открие активноста што ги предизвикува епизодите, а и да испорача пулс што ќе ги попречи.

- Тоа беше идеја на Амбер која ни рече: „Па, штом влегувате во мојот мозок и ја поставувате оваа жица, а јас имам опсесивно-компулсивно нарушување, можете ли да ставите жица конкретно за нарушувањето? - се сеќава неврохирургот Ахмед Раслан, кој ја извршил процедурата на Универзитетот за здравје и наука во Портланд, САД.

Надеж

Уредот со двојна програма сега ја следи активноста на мозокот поврзана и со епилепсијата и со опсесивно-компулсивното нарушување.

- Тоа е единствениот уред во светот кој третира две состојби и се програмира независно. Така, програмата за епилепсија е различна од програмата за опсесивно-компулсивното нарушување. Ова е првпат во светот да се прави вакво нешто. Обично мислиме на уреди или за само за опсесивно-компулсивно нарушување или само за епилепсија. Оваа идеја е надвор од рамките и дојде од страна на пациентот - вели Раслан.

Тој додава дека во тек е студија на Универзитетот во Пенсилванија за да се види како оваа техника може да се примени и пошироко, нудејќи надеж за околу 2,5 милиони луѓе во САД кои страдаат од опсесивно-компулсивно нарушување.

 

Извор: Science Alert

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука