X
 08.03.2020 Живот

Речиси 90% од луѓето во светот имаат предрасуди за жените

Речиси 90% од луѓето имаат предрасуди за жените, покажуваат резултатите од истражување објавено од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Направени се чекори за да се намали половата нееднаквост, но и покрај тоа, 91% од мажите и 86% од жените имаат барем една предрасуда за жените во поглед на политиката, економијата, образованието, насилството и репродуктивните права.

Ова е првиот Индекс за полови општествени норми што го објавува УНДП. Истражувањето содржи податоци од 75 земји кои опфаќаат 80% од светското население. Анализата открива дека речиси 50% од луѓето мислат дека мажите се супериорни политичари, а над 40% веруваат дека мажите се подобри бизнис-лидери. Една третина од мажите и од жените сметаат дека мажот има право да ја тепа својата жена.


Фото: Pixabay

Податоците биле собрани во периодот помеѓу 2005 и 2009 и помеѓу 2010 и 2014. Од сите земји што биле дел од анализата, мнозинството немало предрасуди за жените само во 6 земји. Дури и во Андора, Австралија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка и Шведска, кои се сметаат за прогресивни општества, само половина од населението немало предрасуди врз основа на полот.

Педро Консеисао, директор на канцеларијата на УНДП која го објавува извештајот за човеков развој, изјавил дека резултатите се шокантни, иако сите знаеме дека живееме во свет доминиран од мажи. Според него, проблемот е што на некои места ситуацијата се влошува. Шведска била една од земјите во кои бројот на луѓе што имаат барем една предрасуда се зголемил во анализираниот период. Други земји на оваа листа се Јужноафриканска Република, Индија, Руанда и Бразил.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за Велика Британија и САД, над половина од луѓето имаат барем една предрасуда. УНДП во извештајот ги повикува владите да работат на закони и правила за решавање на проблемот.

Автор: Софи Галагер
Извор: Independent.co.uk 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот