X
 08.05.2020 Живот

Генерацијата З ќе дипломира во лоша рецесија, а тоа може да има страшни последици

Генерацијата З се подготвува да ги следи стапките на постарите милениумци, и тоа не е добро. Како што нациите влегуваат во економско поткастрување, најстарите членови на генерацијата З се подготвуваат да дипломираат во рецесија за која се предвидува дека ќе биде полоша од онаа во 2008 година, кога беше достигнат врвот на невработеноста на милениумците од 20 до 30 отсто.

Влијанието на дипломирањето во рецесија е дефинирачко за една генерација и предизвикува домино-ефект на негативни последици. За почеток, оние што дипломираат во рецесија се принудени да се соочуваат со повисока стапка на невработеност од вообичаено, помали почетни плати и помали плати со години. Овие пречки на патот уште на почетокот на кариерата може да предизвикаат развлечена стагнација во социо-економскиот просперитет, која може да трае и до 15 години.

Овој забавен економски раст активира синџир на други, дури и подолготрајни негативни резултати. Студија од април 2019 на „Стенфорд“ и друг труд од јануари годинава од американското Национално биро за економски истражувања (НБЕР) посочуваат дека дипломирањето во рецесија може да доведе до порано умирање. Тие смртни случаи „Стенфорд“ ги нарекува „смрт од очај“, додавајќи дека тие забележале оти дипломците од рецесии имале околу 6 отсто раст во стапката на смртност на одредена возрасна група.

- Утврдивме дека оние што станале полнолетни за време на длабоката рецесија во 80-тите години страдаат од зголемување на стапката на морталитет, која се појавува кон крајот на нивните 30-ти години и потоа се зајакнува до 50-тата година - наведуваат авторите на студијата на НБЕР.


И ефектот не е само економски. Во двете студии било утврдено дека кај оваа група дипломци во рецесија била помала веројатноста да стапат во брак, поголема веројатноста да се разведат и поверојатно да немаат деца.

И како што и се очекува, многу припадници на генерацијата З се плашат што е следно.

- Малку сум загрижена дека ќе завршам како оние што дипломираа околу 2008 година. Голем дел од стравот на луѓето на моја возраст во однос на наоѓањето работа по завршување на школувањето доаѓа од хорор-приказните на луѓето 10 години постари од нас. Навистина е страшно да се помисли дека тоа може да е нашата нова реалност - вели Маја Трибит.


Извор: Business Insider
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот