Откако се појавија алатки базирани на вештачка интелигенција, начинот на кој луѓето го користат интернетот и компјутерите почна значително да се менува. Иако чет-ботовите како „Чет-ГПТ“ или „Џеминај“ не се секогаш сигурни и точни, сè повеќе луѓе ги користат за добивање информации.
Тоа значи дека луѓето сè поретко ги користат класичните пребарувачи, како „Гугл“, за да дојдат до одредена информација. Оваа промена не остана незабележана од „Гугл“, па затоа компанијата одлучи да воведе одредени промени. Прво ја интегрира вештачката интелигенција во самото пребарување и прикажувањето на резултатите, а сега оди чекор понатаму.
Така, „Гугл“ почна да тестира вметнување реклами во разговорите со корисници кои комуницираат со алатки базирани на вештачка интелигенција. Засега тестирањето се спроведува преку стартапи кои развиваат пребарувачи базирани на вештачката интелигенција, но наскоро вакви реклами би можеле да се појават и преку програмата „Едсенс“ на „Гугл“.
За потсетување, „Гугл едсенс фор срч“ традиционално прикажува реклами како дел од резултатите на пребарувања на други веб-страници, но сега неговото „влијание“ се проширува и на разговори со чет-ботови управувани од ВИ-стартапи, како „Ајеск“ и „Лајнер“.
Дали тоа значи дека корисниците наскоро, покрај одговорите од „Џеминај“, ќе добиваат и „доза“ реклами, сè уште не е потврдено. Но, со оглед на постојаниот раст на бројот на корисници на алатки со вештачка интелигенција, сосема е јасно дека „Гугл“ активно бара нови извори на приход во рамките на своето рекламирање.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik