X
 08.07.2025 Живот

Најдобрите шест епизоди на Ејч-би-о на сите времиња, според „Ротен томејтос“

Ејч-би-о е познат по својата извонредна и конзистентна понуда на квалитетни серии. Оваа стриминг-платформа има богато медиумско наследство кое се одржува благодарение на милионите гледачи кои постојано се враќаат на најуспешните проекти. Без разлика дали станува збор за „Браќа по оружје“ или „Наследство“, овие серии се дел од највредните наслови во историјата на телевизијата и сето тоа благодарение на Ејч-би-о.

Но, за разлика од филмот, телевизијата има предност да го прикажува својот мозаик по делови, дозволувајќи одредени епизоди да се издвојат по квалитет. Со оглед на тоа што целите серии на Ејч-би-о често добиваат пофалби, ова е можност да се оддаде почит на поединечните епизоди. Иако „Ротен томејтос“ нема оцени за некои од најдобрите серии на Ејч-би-о како „Сопранови“ или „Чернобил“, еве ги шесте епизоди што добиле оцена од 100 отсто.

3. епизода, 1. сезона од серијата „Чувари“ (англ. „Watchmen“)

Напишана како продолжение на култниот стрип од 1986 година, „Чувари“ на Ејч-би-о стана мини-серија по заминувањето на креаторот Дејмон Линделоф. Иако се состои од само девет епизоди, 3. епизода „Ја уби вселенски отпад“ е прогласена за совршена од критичарите на „Ротен томејтос“.

Во оваа епизода Лори Блејк (Џин Смарт) патува во Талса за да истражи активности на организацијата Кавалерија, но наидува на мрачни интриги. Како завршница на првиот акт на серијата, оваа епизода го менува темпото, преминувајќи од вовед во заплет, со продлабочување на односот меѓу Лори и Доктор Менхетен. Иако не е најдобрата епизода во целата серија, таа дефинитивно ја заслужува пофалбата добиена на „Ротен томејтос“.

1. епизода, 1. сезона од серијата „Последните од нас“ (англ. „The Last of Us“)

Иако многумина очекуваа да се појават други епизоди од оваа адаптација на видеоиграта, според „Ротен томејтос“, ниту третата ниту осмата не ја надминале првата „Кога ќе се изгубиш во мракот“.

Пилот-епизодата ја воведува публиката во хаотичен свет погоден од глобална пандемија предизвикана од мутација на габата кордицепс. Се смета за една од најдобрите пилот-епизоди во поновата телевизиска историја, балансирајќи меѓу очекувањата на љубителите на видеоиграта и новата публика. Нил Дракман и Крејг Мејзин создадоа епизода што е и почит кон изворниот материјал и моќно телевизиско доживување.

7. епизода, 1. сезона од серијата „Големи мали лаги“ (англ. „Big Little Lies“)


Последната епизода од првата сезона на „Големи мали лаги“ носи разрешување на сите заплети и тајни. Како беа поврзани петте жени од Монтереј? Што го започна целиот хаос? Како ќе реагира Селест (Никол Кидман) кога ќе дознае за вината на своите синови?

Епизодата изобилува со моќни актерски изведби, особено од Кидман, која го има едно од своите највпечатливи телевизиски остварувања. Оваа епизода целосно ја заслужува оцената од 100 отсто на „Ротен томејтос“.

8. епизода, 2. сезона од серијата „Преостанати“ (англ. „The Leftovers“)

Втората сезона на „Преостанати“ често се смета за најдобра од серијата, особено поради нејзиниот експериментален пристап. Ниту една епизода не го илустрира тоа подобро од „Меѓународен убиец“.

Главниот лик Кевин се соочува со духот на Пети во една психоделична и емотивна авантура низ духовна димензија. Епизодата претставува радикално отстапување од стилот на серијата, но успева да остане верна на нејзината емоционална срж. „Меѓународен убиец“ е врвна точка на серијата што прифаќа ризик и го наградува гледачот.

10. епизода, 2. сезона од серијата „Наследство“ (англ. „Succession“)

Финалето на втората сезона на „Наследство“ е полно со драматични пресврти. Семејството Рој се обидува да го одвои бизнисот од семејните конфликти додека се соочува со скандал и јавен гнев.

Иако не е најдобрата епизода во целата серија, „Ова не е за солзи“ е меѓу најдобрите. Џереми Стронг блеска во улогата на Кендал, што му донесе и „Еми“ за најдобар главен актер. Епизодата кулминира со шокантно признание дека таткото на Кендал знаел за злосторствата во компанијата, што го менува текот на целата серија.

9. епизода, 3. сезона од серијата „Игра на троновите“ (англ. „Game of Thrones“),

Иако и другите епизоди на оваа листа се одлични, деветтата епизода од третата сезона на „Игра на троновите“, „Дождовите на Кастамир“, се смета за една од најдобрите телевизиски епизоди на сите времиња.

Свадбата меѓу Едмур Тали и Рослин Фреј започнува со надеж за обнова на сојузот меѓу Фреј и Старк, но завршува со масакр познат како „Црвената свадба“.
Насилството што следува е толку интензивно, што е невозможно да се тргне погледот од екранот. Режијата на Дејвид Натар и извонредните изведби од актерската екипа ја прават оваа епизода вистинско ремек-дело.

Извор: Collider.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот