Сега, по речиси три години на брод, искрено не можам да се пожалам на ништо. Сѐ е многу организирано, однапред знам што ќе работам во следните четири месеци, а ретко нешто може да се измести од планот. Голема предност ми е што не морам да размислувам за секојдневни работи како транспорт, сè ми е блиску и достапно, вели Владимир
Секој од нас во некој момент од животот почувствувал потреба за промена, било да е тоа нова средина, нова професија или целосна промена на животниот стил. Таква е приказната на Владимир Стојаноски, поранешен телевизиски снимател од Македонија, кој реши своето долгогодишно искуство зад камера да го понесе со себе на друга страна од светот, и тоа на море. И како што ни раскажува тој, ја работи работата од соништата.
Неговото патување почнало со договор со компанија и авионска карта за Пунта Кана (Доминиканска Република) и правец кон непознатото. Сега работи како снимател и монтажер на луксузен брод за крстосување наречен „Мајн Шиф“ (TUI Cruises). Ни сподели дека работи во пријатна атмосфера и со голем број луѓе бидејќи станува збор за брод од голем капацитет.
Омилен дел од работата - шетањето по сите егзотични места
Неговата работа како снимател е да врши пренос во живо од сите претстави во театарот. По описот што ни го даде за неговата работа, веруваме дека многумина ќе помислат дека тоа е работата од соништата – патување комбинирано со работата што човек ја сака.
- Имам и една емисија што ја снимам и монтирам, се вика „Abendscau“, и во неа им ги претставуваме местата од бродот до кои гостите немаат пристап, како мостот од каде што се управува бродот и како функционираат моторите и други содржини што би биле интересни за гостите. Сето тоа тие можат да го гледаат на телевизија во нивната кабина. Уживам во работата, особено во театарот кој е огромен - има 1.000 седишта, уживам кога работам со акробати, пејачи, танчари, навистина е прекрасно. Секој ден има претстава во големиот театар, па снимање во помалиот театар, па емисија што треба да ја монтирам, што значи работното време ми е четири до шест часа. Претежно е поручек, па слободен сум некаде до 17 часот, а тоа значи дека секогаш имам време да излезам надвор. Во мојот сектор имаме одлична комуникација со колегите. Стекнав искрени пријателства, особено со колеги од Полска, Хрватска, Германија… Сите се вистински професионалци и често споделуваме знаења и искуства, што ме мотивира да напредувам - вели Владимир.

Најдоброто нешто во работата му е шетањето по сите тие егзотични места. Напоменува и дека сите тие места би му биле само на листата за планирани патувања доколку не била работата.
- Просто не ми се верува дека сите острови на Карибите ги видов, се капев, пиев пиво, се забавував, бев во Колумбија, во Мексико, кај Маите на пирамидите, во Белизе, на екскурзија во џунглите, на Панамскиот Канал, на Барбадос кај Ријана, во Европа, Норвешка цела сосе Нордкап, најсеверната точка на европскиот континент Арктичкиот Круг, Англија, Шкотска, езерото Лох Нес, Ирска, Северна Ирска, Исланд и многу други преубави места. Ако не бев на работа на брод, немаше никогаш да ги видам или и да сакав да ги видам, ќе ме чинеа богатство - вели Владимир.
Најтешка е далечината од семејството и блиските
Тој крстосувал и во Турција, Малта, Кипар, Италија... и е единствен Македонец на бродот. Задоволен е од организираноста и среќен што има можност да работи со луѓе од целиот свет.
- Сега, по речиси три години на брод, искрено не можам да се пожалам на ништо. Сè е многу организирано, однапред знам што ќе работам во следните четири месеци, а ретко нешто може да се измести од планот. Голема предност ми е што не морам да размислувам за секојдневни работи како транспорт, сè ми е блиску и достапно. Предностите од работата на брод се стабилноста, организацијата и можноста да патувам и работам со професионалци од цел свет. Секако, недостаток е далечината од семејството и блиските. Тоа секогаш е најтешкиот дел од оваа работа - споделува Владимир.
Го прашавме и која дестинација би ја издвоил како најфасцинантна досега.
- Норвешките фјордови, апсолутно спектакуларна и недопрена природа. Исланд, со својата сурова убавина ми остави длабок впечаток. Мадеира е рајска, а Картагена во Колумбија едноставно неопислива. Таму секој кадар изгледа како филмска сцена - вели Владимир.
Тој многу се радува на следната маршрута – Азија. Вели дека на долгорочен план ваквата работа е неизводлива и веќе размислува за времето кога ќе мора да се врати дома и да работи повеќе за помали примања.
- Ќе ги посетиме Кина, Јапонија, Кореја, Тајван, Тајланд, Сингапур и уште неколку земји. Оваа маршрута е сон на многу патници, а за мене како визуелен уметник – вистински предизвик. Засега планирам уште некој договор да изработам тука. Но, долгорочно ќе морам да се вратам дома, кај семејството. Не е лесно, имам сопруга и две дечиња кои многу ми недостигаат, како и пријателите. Но, благодарение на технологијата, постојано сме во контакт, секојдневно сме на видеоповици, завршувам и домашни обврски од далечина. Одморите се долги, по 1 до 3 месеци, и тогаш се трудам максимално да го надоместам изгубеното време. Најголем предизвик кога ќе се вратам дома ќе биде да се адаптирам на пониски примања и поголем обем на работа, но се надевам дека нешто ќе се промени во меѓувреме. Ми недостигаат и обичните работи: муабет со пријатели, кафе, ракија, домашна атмосфера. Тоа не може да се замени со ништо - истакнува Владимир.
Фотографии: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.