X
 13.02.2025 Живот

Мислите дека крстосувачите се случајно бели? Не, а за тоа постои добра причина

Многумина мислат дека знаат сè за крстосувачите, но малкумина се запрашале зошто речиси сите имаат бела боја?

Иако би било интересно да видиме шарени бродови како пловат по светските мориња, сепак, најчесто доминира белата боја. Ова не е случајност, ниту резултат на недостиг на креативност – постојат неколку паметни причини зошто е избрана токму оваа боја.

Зошто крстосувачите се бели?


Бојата на еден крстосувач не е само естетика – таа игра клучна улога во безбедноста, одржувањето и енергетската ефикасност на бродот.

Бизнис-аспект


Користењето боја што симболизира чистота и префинетост потсвесно им дава до знаење на патниците што можат да очекуваат на бродот. Белата боја создава впечаток на елеганција, што ја прави сигурен избор во споредба со повпечатливите бои.

Освен тоа, компаниите за крстосувања добиваат поголема видливост за нивните имиња и логоа бидејќи белата боја е совршена заднина за брендирање.

Енергетска ефикасност

Црната боја ја апсорбира топлината, додека белата ја рефлектира. Бидејќи крстосувачите се постојано изложени на сонце, белата површина спречува прекумерно загревање на бродот. Ова помага температурата во внатрешноста да остане пониска и го намалува користењето на клима-уредите, што води до заштеда на енергија.

Видливост


Голем бел брод е добро видлив – токму затоа компаниите ја избираат оваа боја. Белата им овозможува на другите пловни објекти да го забележат крстосувачот од голема далечина, дури и во мрак, што значително го намалува ризикот од судири.

Освен тоа, белата боја создава силен контраст со морето, а бидејќи ја рефлектира сончевата светлина, бродот е полесно забележлив и за време на лоши временски услови.

Полесно одржување

Една од најголемите предности на белата боја е што го олеснува одржувањето на бродот. Компаниите за крстосувачи не мора да се грижат за сложени поправки во различни бои – доколку настане оштетување, доволно е едноставно да се помине местото со бела боја и бродот повторно изгледа како нов.

Извор: Net.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот