X
 08.11.2022 Живот

Искра ќе учествува на Јуниорската олимпијада во Колумбија, но не може да добие спонзорство зашто нема 15 години

Битолчаните Искра Нечаковска и Олег Трајковски, ученици од прва година во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се дел од националниот тим со шест натпреварувачи кои од 2 до 12 декември годинава ќе учествуваат на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022) што ќе се одржи во Богота, Колумбија.

На Олимпијадата ќе учествуваат натпреварувачи од 50 држави од целиот свет. Двајцата талентирани битолчани успеаја да станат дел од националниот тим, во конкуренција од над 90 ученици од осмо и деветто одделение кои во учебната 2021/2022 година освоиле награда на еден од државните натпревари по физика, хемија и биологија, организирани од Здружението на физичарите, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Македонското биолошко друштво.

Тимот напорно се подготвува за Олимпијадата, иако не им се обезбедени целосно финансиските средства за да отпатуваат во Колумбија. Сите членови од тимот добиле делумно спонзорство од Агенцијата за млади и спорт, освен Искра зашто сѐ уште не наполнила 15 години.



- Сите деца конкурираа во Агенцијата за млади и спорт за финансиска поддршка во програмата за млади и талентирани лица, ама само Искра ја одбија поради фактот што сѐ уште нема наполнето 15 години, а според нивниот правилник, категоријата на млади ги опфаќа само лицата од 15 до 29 години. Овој проблем се провлекува шест години. Никој не се заинтересирал да најде начин да се поддржат и деца кои се млади и талентирани, но не се доволно возрасни за да влезат во категоријата млади, иако несомнено го исполнуваат критериумот на талентирани - вели Оливера Нечаковска, мајка на Искра.

Тимот кој треба да отпатува за Колумбија го сочинуваат шест ученици и тројца ментори од Природно-математичкиот факултет при УКИМ-Скопје. Потребни се 950.000 денари за трошоци за котизација и авионски билети. Освен ова делумно спонзорство, државата досега не нашла друг начин да им го олесни патот на овие талентирани млади луѓе за да не мора родителите да плаќаат од сопствен џеб. Сепак, и покрај финансиските пречки, учениците сериозно се подготвуваат за натпреварот. Тие посетуваат редовни неделни подготовки на ПМФ секој петок и сабота каде што менторите им држат предавања на волонтерска основа.

Испратени се барања за спонзорства. Од Општина Битола одговориле дека во согласност со нивните можности, ќе го помогнат патувањето на двајцата талентирани битолчани кои се гордост на градот.

Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот