Истражувањата во минатото покажале дека посреќните луѓе се поуспешни во кариерите, имаат повредни односи и живеат подолго и поздраво. Сега, научниците идентификувале „праг на среќа“ што е потребен за населението на една земја за да се постигнат одредени здравствени придобивки.
Нивото на среќа на една нација може да влијае врз ризикот од предвремена смрт од хронични болести, како рак, срцеви заболувања, дијабетес и респираторни болести, покажува истражувањето објавено во списанието „Фронтиерс ин медисин“.
Истражувачите користеле таканаречена „Животна скала“ за да ја проценат среќата во 123 земји. На скалата, 0 е најлош живот што може да се замисли, а 10 најдобар.
Тие откриле дека штом земјата ја надмине оцената од 2,7, среќата на населението се поврзува со намалување на смртноста од хронични болести кај лица на возраст од 30 до 70 години. Оцените се движеле од 2,18 до 7,97, со просек од 5,45.
- Политиките што ја зголемуваат оцената на „Животната скала“ над прагот од 2,7 - преку инвестиции во здравствени системи, реформи против корупција, социјални сигурносни мрежи и здрави урбани средини, можат да иницираат циклус на поголема среќа и помала смртност - вели водечкиот автор на истражувањето, Иулија Југа, професорка на Универзитетот во Алба Јулија, Романија.
- Подобрувањето на благосостојбата, заедно со намалувањето на дебелината, консумирањето алкохол и загадувањето, може да донесе двојни придобивки: поголема среќа и поздрав, подолг живот - додава Југа.
За земјите над прагот од 2,7, подобрувањето на благосостојбата може мерливо да го продолжи очекуваниот животен век кога општествата достигнуваат основно ниво на стабилност и задоволство.
Среќата е повеќе од забава и задоволство
Секој 1 отсто зголемување на благосостојбата одговара со 0,43 отсто намалување на смртноста од хронични болести кај луѓе од 30 до 70 години.
Генетските, околните фактори и однесувањето исто така играат улога во здравјето и ризикот од смрт од хронични болести.
- Традиционално, среќата се сметала за мала луксузна придобивка. Новото истражување покажува дека среќата може да биде јавно-здравствена варијабла. Таа е многу повеќе од забава и задоволство - вели Соња Љубомирски, професорка по психологија на Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд.
Важно е да не се става вина на поединците бидејќи среќата зависи и од околината, економските и политичките услови во кои се родиле.
Саида Хешмати, директорка на „Харт леб“, објаснува дека среќата во истражувањето не се однесува само на моментални емоции, туку на генерален когнитивен концепт за задоволство од животот, одраз на тоа дали општествата обезбедуваат материјални, социјални и психолошки услови за луѓето да успеат.
Истражувачите користеле податоци за загадување, индекс на телесна маса и консумација на алкохол од „Галуп“, Светската здравствена организација и „Ворлд дивелопмент индикејторс (2006–2021)“.
Во 2021 година хроничните болести предизвикале најмалку 43 милиони смртни случаи глобално, од кои речиси 42 отсто се предвремени, односно под 70 години. Најзастапени биле срцеви заболувања, рак, хронични респираторни заболувања и дијабетес.
Како земјите можат да бидат поздрави со тоа што ќе бидат посреќни?
Хешмати препорачува холистички пристап кон среќата. Едноставните задоволства се минливи и можат да остават чувство на празнина. Наместо тоа, фокусирајте се на долгорочни маркери на благосостојба: одржување силни социјални врски и остварување цели што ве исполнуваат.
Извор:
CNN
Фото: Freepik