X
 07.02.2021 Здравје

Научниците откриваат кое време од денот е подобро за вежбање

Ново истражување за ефикасноста на вежбањето покажува дека времето на вежбање навистина прави разлика кај некои луѓе, известува „Њујорк тајмс“. Во истражувањето учествувале мажи со дијабетес тип 2, а било откриено дека вежбањето било поефикасно кај оние што вежбале попладне отколку кај оние што вежбале порано во текот на денот.

Научниците веќе знаат дека хронологијата игра улога во нашето здравје бидејќи луѓето и животните имаат „внатрешен часовник“ што реагира на изложеноста на светлина, храна и сон и влијае врз температурата, нивото на хормони и шеќер во крвта, крвниот притисок, мускулите и друго. Кога станува збор за вежбањето, некои ги препорачуваат утринските вежби како поефикасни за губење на тежина.


Фото: Pixabay

Новото истражување, спроведено во 2019 година, покажува нешто различно. Во него испитаниците што вежбале во кратки сесии попладне ја подобриле контролата на шеќерот во крвта во споредба со другите испитаници. Испитаниците што вежбале наутро забележувале нездраво движење на нивото на шеќер во крвта. Освен тоа, оние што вежбале попладне загубиле повеќе наталожени маснотии.

Истражувањето било направено на мал број луѓе - 12 што вежбале наутро и 20 што вежбале попладне - во период од 12 недели. Испитаниците возеле статичен велосипед за време на истражувањето.

Истражувачите додаваат дека секое вежбање, без разлика на времето, е подобро отколку воопшто да не се вежба, иако попладневните вежби можеби се поефикасни според резултатите на ова истражување.

Автор: Гречен Рејнолдс
Извор: nytimes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје