X
 09.02.2021 Живот

Австрија по 47 дена заклучување: Се отвораат училиштата, продавниците и фризерските салони, но задолжителен е негативен тест

Во Австрија повеќе од 280.000 продавници и услужни дејности беа затворени цели 47 дена. Вчера властите ги отворија како дел од ублажувањето на епидемиолошките мерки.

Пред продавницата „Зара“ во Виена се создаде редица поголема од 200 метри. Бидејќи не работеа околу Божиќ, продавниците сега нудат новогодишни попусти. Дури и пред да се отвори продавницата во 9 часот, се формираа редици, претежно пред продавниците со попусти.

На виенската „Марија-хилфер штрасе“, најголемата австриска трговска улица, купувачите на студот стојат во редови што се протегаат низ неколку блока, чекајќи да влезат во продавници како „Зара“, „Снајпс“ и „Тк Макс“. Сите носат маски: казната за неносење сега е 90 евра. Маркус Декер, сопственик на фризерски салон во Салцбург, вели дека до март му се закажани сите термини.

Иако во Австрија неодамна ги ублажија мерките (кафулињата и рестораните и понатаму не работат, децата се враќаат на училиште во смени, со задолжително тестирање двапати неделно, не можете да одите на фризер или на масажа без тест, не постар од 48 часа), властите предупредуваат за трет бран, бидејќи бројот на заразени лица почна да расте и пред отворањето.

Баварскиот премиер Маркус Седер остро ги критикуваше Австријците за отворањето на дуќаните и фризерските салони, предупредувајќи дека може да ја затвори границата.

viena
Фото: Freepik

- Тоа може да доведе до ново заклучување за само неколку недели - изјави Седер.

- Австрија и Чешка со својата неодговорна политика на отворање го загрозуваат нашиот успех во Германија - ги критикуваше генералниот баварски секретар Маркус Блуме.

По критиките од Баварија, Австрија издаде предупредување да не се патува во Тирол освен ако не е неопходно. Во Тирол се шират британскиот и јужноафриканскиот сој на вирусот. Исто така, драстично се зголемени граничните контроли за да се намалат патувањата.

Одлуката на владата на канцеларот Себастијан Курц за ублажување на епидемиолошките мерки беше критикувана и од претседателката на втората најсилна партија во земјата, Памела Ренди-Вагнер: „Со оглед на високата стапка на инфекција и ниската стапка на вакцинација, тоа е голем ризик“, рече шефицата на социјалдемократите.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот