X
 22.11.2019 Наша тема

Асистент на државен факултет е платен само 22 илјади денари. Сам си ги плаќа докторските во странство, држи предавања, вежби и оценува студенти

„И тие што останавме, не знам до кога ќе тераме“, ни раскажа 38-годишен асистент кој веќе осум години е на оваа позиција

Состојбите со млад научноистражувачки кадар на факултетите во Македонија се катастрофални, но уште позагрижувачки е третманот на оние малкумина што работат како асистенти на државните универзитети. Ем ги немаме ем може да се откажат.
„И тие што останавме, не знам до кога ќе тераме“, ни вели 38-годишен асистент кој веќе осум години е на оваа позиција.
А нема мрднато бидејќи сам си ги плаќа докторските во странство, држи осум предмети, по 4 во еден семестар, предавања, вежби, оценува студенти... Тој е всушност универзитетски професор, но не и со плата и бенефиции. Зема само 22.000 денари, помалку од просечната плата и помалку од професор во средно училиште.

- Асистент станав откако се пријавив на конкурс. Првично бев одбиен, но огласот беше поништен бидејќи кандидатот што го примија не ги исполнуваше условите. Тука сум осум години - вели асистент кој ни ја раскажа својата приказна во која ни потврди дека статусот на вработените со овие научни звања воопшто не е ценет, ниту платен во земјава.



На прашањето зошто осум години е асистент, тој одговара:
- Веќе требаше да бидам доцент. Но, факултетот на кој сум вработен ги нема моите докторски студии. На конкурентскиот факултет не бев пожелен за докторирање, па морав да се запишам во странство. Учам на свој трошок, а една година ме чини повеќе од 1.500 евра. Но, исто така, дополнително ги плаќам од свој џеб и истражувањата што ми се потребни за објавување трудови, истражувања и слично. Кога ќе ги додадам и секојдневните обврски на факултет, ете го одговорот - вели тој.
Кога се во прашање обврските на факултетот, особено на оние каде што има недостиг на професори, голем е товарот што го носат асистентите.
- Овој семестар имам пет предмети за кои држам и предавања и вежби. Официјално зад тие обврски е пишан професор, меѓутоа, нема доволен број професори, па ние мора да помогнеме и во тој дел. Исто така, оценуваме студенти.
Со покачувањето од 10 проценти што го најави Владата тој повторно ќе има потпросечна плата. Вели дека во високото образование не се плаќа ниту за минат труд.
- Навистина е тешко да се преживее со оваа сума, ние сме обесправени, неисполнети... Сите асистенти бараат и дополнителен извор на финансии за да може да си ги платат докторските од кои, нели, им зависи кариерата. Некои се потпираат на брачен другар, некои на семејството или на дополнителна работа. Јас работам и втора работа - ни вели тој.

Очекува да ги заврши докторските студии следната година и да биде примен како доцент на факултетот каде што работи. А како доцент нема да зема повеќе од 25.000 денари.
- На оваа земја, односно на високото образование му е потребен научноистражувачки кадар. Затоа, државата мора да поттикне малку во овој дел, да создаде услови за младите за научноистражувачка работа. Да не заборавиме дека факултетите се оставени без млад кадар. Конкретно на мојот веќе со години нема асистенти, па ќе нема кој да нè замени нас. Има факултети што со децении немале асистенти, па потоа нема замена за професорите - ни раскажа асистентот.



Вели дека голем дел од колегите не ги издржуваат овие услови за работа и напредување, па се откажуваат.
- Мене, искрено, ме држи само тоа дека си ја сакам работата како професор и тоа сакам да бидам еден ден. Ги сакам и науката и истражувањата, но и образованието, па ова ми е идеален спој. Тоа ме држи да останам.

Инаку, според последната анализа на Државниот завод за статистика, во 2018/2019 година на факултетите во земјава имало 778 асистенти и 64 помлади асистенти.
Вкупниот број на наставници и соработници во високообразовните установи во академската 2018/2019 година изнесува 4.323. Од нив 1.222, т.е. 28,3% се соработници.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема