X
 09.03.2020 Живот

Се бара цврст и издржлив работник за најоддалеченoто работно место во светот

Доколку ви здодеаја градскиот метеж и брзото темпо на живот, можеби треба да го земете предвид ова необично работно место на Антарктикот.

Најоддалечената пошта во светот, лоцирана на малиот остров Гудие, во малото пристаниште Порт Локрој, со кој управува Велика Британија, бара три лица да ѝ се приклучат на нејзиниот тим во текот на летото. Но, треба да знаете дека некои аспекти на работата не се баш многу привлечни.

Освен што тимот ќе биде заглавен среде пустелија, вработените ќе имаат право само на еден ден одмор на секои 14 дена, а платата е 1.700 долари.

Актуелниот лидер Луси Дорман вели дека нема каде да се оди, дури и да имате слободно време.

Главните задачи на вработените се сортирање десетици илјади писма, чистење на изметот на пингвините од базата и разговор со гостите.

2
Фото: Screenshot/Youtube


На годишно ниво повеќе од 18.000 луѓе го посетуваат островот и обично им даваат на вработените на поштата писма и разгледници кои треба да се испратат во Велика Британија.

Храната што ќе се јаде во периодот од ноември до март наредната година ќе пристигне заедно со новите вработени. Може да има неколку можности кога туристички брод носи свежо овошје, но во основа, вработените јадат конзервирана и сушена храна.

- Едно нешто што персоналот едвај го чека е неделното туширање. Бродовите се многу дарежливи кон нас и ни дозволуваат да се тушираме и да ги переме алиштата на бродот - вели Луси.

Треба да знаете дека тоалетот се состои од кофа со капак, нема интернет и нема вода. Така што, ако навистина сакате да се збогувате со сите домашни луксузи и да заглавите во природа, ова е вашата шанса.

Доколку сметате дека сте ментално и физички способни за оваа работа, тука можете да аплицирате.

Извор: Ladbible.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот