X
 09.05.2018 Технологија

Како да го исчистите телефонот без да го оштетите

Рацете се меѓу најнечистите делови од нашите тела, а тоа ги става нашите телефони во несреќна позиција. Никој не сака телефонот да му биде кошмар кој носи болести, но и не можете телефонот да го ставите во машина и да го исперете. За среќа, има неколку трикови што можете да ги користите за да го средите вашиот телефон, само треба да бидете свесни за гаранцијата.

Да, вашиот телефон е валкан, но не можете да го ставите во мијалник и да го измиете. Ако може да издржи вода, нема ли средствата за дезинфекција, миење садови и за обелување да му наштетат? За среќа, не. Можете и треба да користите вистински средства за чистење за да го дезинфицирате вашиот телефон, само треба да знаете како да не го оштетите.

Прво, основата. Речиси сите производители на телефони препорачуваат некаква форма на чистење. „Епл“ препорачува бришење на вашиот ајфон со малку наводенето влакнесто крпче. „Моторола“ сугерира да употребите микрофибер крпа - каква што користите за чистење на очилата - со малку вода ако телефонот е многу валкан. Истовремено, од „Гугл“ велат дека е во ред да користите средство за миење садови ако е неопходно. Овие методи ќе ви помогнат да го исчистите телефонот, но, за жал, нема да го дезинфицираат. А дезинфекцијата е многу важна, особено ако работите на место каде што има сериозни бактерии во воздухот.

Една студија од 2013 година испитуваше неколку различни методи за чистење на ајпад изложен на Clostridium difficile и на Staphylococcus aureus (попозната како MRSA) - две чести и потенцијално опасни бактерии што се наоѓаат во медицинските објекти. Било утврдено дека бришењето со марамчиња со избелувач е најефикасната техника, па потоа следувало бришењето со влажна ткаенина, додека бришењето со алкохол било најмалку ефикасно.


Фото: Curiosity

Друга студија исто така потврдила дека марамчињата со избелувач се најдобри, но за жал тие можат да бидат и многу абразивни и поскоро или подоцна ќе ја еродираат заштитната облога која го штити вашиот телефон од мрсните прсти. А уште полошо, користењето на таквите методи може да ја анулира вашата гаранција бидејќи компаниите често препорачуваат да не се користат такви марамчиња.

Сепак, треба да знаете дека нема често да сретнете на вашите телефони таков вид бацили какви што биле тестирани во студиите и дека е подобро да се држите до препораките од произведувачот и редовно да ги миете рацете.

Но, што ако се случи нешто катастрофално, на пример, ако телефонот ви падне во веце-шолјата? Тогаш можеби е најдобро да го избришете со марамче со избелувач, но, да нагласиме, тоа може да ја анулира вашата гаранција. Избришете го телефонот со нешто што содржи избелувач, почекајте 30 секунди и потоа избришете го со микрофибер крпа. Готово! Имате сосема чист телефон. Но, пак мора редовно да ги миете рацете.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија