X
 27.01.2019 Технологија

Трикови со кои ќе го продолжите времето меѓу две полнења на вашиот телефон

За да не морате постојано панично да барате полнач или некој што има полнач како вашиот, би требало да се придржувате до некои совети што ќе ви овозможат батеријата на вашиот смартфон да трае малку подолго.

1. Отстранете ги непотребните виџети од почетната

Многу апликации за „Андроид“ доаѓаат со таканаречени виџети на почетната за да може секогаш да ви бидат при рака. Меѓутоа, тие ја цедат батеријата поради постојаната синхронизација или анимации. Па, ако не ви треба постојан преглед во случувањата на „Твитер“ и можете да преживеете без редовните извештаи за временската состојба, отстранете ги вишокот виџети така што ќе ги притиснете, ќе задржите и потоа ќе ги одвлечете во кантичката.

2. Отстранете ги непотребните апликации

Избришете ги апликациите што не ги користите така што ќе влезете во Поставки, потоа во Апликации, па Сите. Селектирајте ги апликациите што не ви требаат и одете на Деинсталирај за да ги отстраните, заедно со сите податоци што ги создала апликацијата. Апликациите со огласи често дополнително ја исцрпуваат батеријата поради прикажаните огласи, па ако не можете без неа, размислете за купување премиум верзија.

3. Во подрачјата каде што има послаб сигнал, вклучете авионски режим на работа

На паметните телефони им е потребна поголема енергија кога се обидуваат да се поврзат во подрачјата со послаб сигнал. Ако не можете да добиете сигнал, вклучете „Airplane Mode“. Ако подрачјето со слаб сигнал е вашата канцеларија или нечиј стан, можете да си вклучите Wi-Fi (со овозможен авионски режим) за да останете поврзани. Вклучете ја мобилната врска кога повторно ќе се најдете во подрачје со подобра покриеност.

4. Исклучете ги известувањата

Постојаните ажурирања се потребни за благовремено добивање пораки од електронската пошта или од социјалните мрежи, но многу апликации автоматски бараат дозволи за испраќање известувања, иако тие нема да ви бидат од голема корист. Можете да ги исклучите со влегување во Поставки, па во Апликации и таму кај помалку потребните апликации да ја исклучите функцијата „Прикажи известување“.

5. Исклучете го ГПС-от кога не го користите

ГПС е еден од најголемите потрошувачи на батеријата и тоа го знаат сите што некогаш користеле „Гугл Мапс“ за да се снајдат во просторот. Затоа, ако не ја користите оваа апликација, повлечете надолу по екранот со прстот и исклучете ја функцијата. Кога повторно ќе ви затребаат мапите, апликацијата ќе побара да вклучите ГПС.

6. Локализирајте ја временската прогноза

Сите ние сакаме да погледнеме какво е времето моментално во некој град каде што сме биле или каде што сакаме да одиме. Но, собирањето на таквите податоци ја троши батеријата. Отстранете ги непотребните градови од апликацијата и продолжете го векот на траење на батеријата.

7. Батериите сакаат идеални услови

Батериите не сакаат ни претерана топлина ни студ. Најдобро работат на пролетни температури од околу 20  Целзиусови степени. Затоа, не оставајте го телефонот изложен на сончеви зраци бидејќи ќе му ја оштетите батеријата. Батериите се оштетуваат многу побрзо кога се топли, без оглед дали го користите телефонот или не. Во секој случај, во лето не оставајте го телефонот изложен на сонце.

8. Колку треба да е полна батеријата?

Најдобар начин за одржување на батеријата на паметниот телефон е таа да е полна повеќе од 40 отсто. Постојаното полнење и празнење може да ја оштети и да ѝ го намали капацитетот. Некои експерти сепак препорачуваат барем еднаш месечно да ја испразните батеријата докрај, па одново да ја наполните. Во секој случај, за батеријата не е добро ни кога е приклучена на струја откако се наполнила докрај. Обидете се да ја одржувате полна меѓу 40 и 80 отсто.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија