X
 09.05.2018 Здравје

Внимавајте со антибиотиците, некои бактерии се хранат со нив!

Антибиотиците можат да спасат илјадници животи на заболени од сериозни болести, како менингитис и пневмонија. Иако во повеќето случаи се ефикасни, научниците открија дека одредени видови бактерии не само што се отпорни на антибиотици туку и се хранат со нив

Истражувањето е објавено во списанието „Nature chemical biology“, а резултатите од него би можеле да им помогнат на научниците со генска манипулација да создадат бактерии кои би „изеле“ тони антибиотици од индустрискиот отпад и сточарските фарми што ги загадуваат водните и земјените површини.

„Пред десет години откривме бактерии кои можат да се хранат со антибиотици и бевме шокирани. Сега знаеме како тоа им успева и можеме да почнеме да размислуваме да ја искористиме таа нивна способност за да се справиме со штетите што во одредени случаи ги прават антибиотиците“, вели Гаутам Дантас, главниот автор на студијата и професор по имунологија на Медицинскиот факултет во Мисури.

Антибиотиците првпат биле откриени во дваесеттите години од минатиот век и оттогаш спасиле десетици милиони животи со „победата“ над бактериските инфекции како запаление на белите дробови, туберколоза и менингитис.

Меѓутоа, со текот на времето бактериите научиле како да го возвратат ударот, градејќи отпорност на истите лекови што некогаш со сигурност ги уништувале.

Поради ова, пеницилинот – изворниот и најупотребуваниот антибиотик – денес сè поретко се препишува.

Светската здравствена организација честопати предупредува дека светот ќе остане без ефикасни антибиотици. Минатата година таа ги повика владите и големите фармацевтски компании да се ангажираат на создавање нови генерации лекови за борба против суперотпорните бактерии.

Бактериите можат да стекнат отпорност кога пациентот нема да го заврши лекувањето докрај и така на „полумртвата“ бактерија ѝ се дава шанса да закрепне и да изгради имунитет.

Модерната индустрија и земјоделството го забрзаа порастот на отпорноста на антибиотиците, затрупувајќи ја околината со активни лекарства.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје