X
 22.02.2020 Наука

Создаден моќен антибиотик со помош на вештачка интелигенција

Моќен антибиотик кој убива некои од најопасните бактерии отпорни на други лекови е откриен со употреба на вештачка интелигенција. Лекот функционира поинаку од постојните антибиотици и е прв од ваков вид. Тестовите покажале дека лекот избришал низа бактерии отпорни на антибиотици, вклучувајќи „Acinetobacter baumannii“ и „Enterobacteriaceae“, два од трите високо приоритетни патогени што Светската здравствена организација ги рангира како „клучни“ за новите антибиотици.

- Во однос на откривањето на антибиотиците, ова апсолутно е нешто врвно - изјави Регина Барзилај, виш истражувач на проектот и специјалист за машинско учење во Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ).

- Мислам дека ова е еден од помоќните антибиотици откриени досега. Има извонредна активност против широк спектар на патогени отпорни на антибиотици - вели Џејмс Колинс, биоинженер за тимот на МИТ.

Отпорноста на антибиотиците се појавува кога бактериите мутираат и се развиваат така што ги избегнуваат механизмите што ги користат антимикробните лекови за да ги убијат. Без нови антибиотици со чија помош би се справиле со отпорот, до 2050 година 10 милиони животи низ светот би можеле да бидат изложени на ризик секоја година, се предупредува во извештајот на владата на Камерон.

antibiotik
Фото: Pixabay

За да пронајдат нови антибиотици, истражувачите прво обучиле алгоритам за „длабоко учење“ за да идентификуваат видови молекули што убиваат бактерии. Откако алгоритамот дознал какви молекуларни карактеристики создале добрите антибиотици, научниците го поставиле да работи во библиотека со повеќе од 6.000 соединенија што се под истрага за лекување на разни човечки болести. Наместо да бара потенцијални антимикробни средства, алгоритамот се фокусирал на соединенија што изгледале ефикасни, но различни од постојните антибиотици.

Џонатан Стокс, првиот автор на истражувањето, изјави дека се потребни неколку часа за алгоритамот да ги процени соединенијата и да открие неколку ветувачки антибиотици. Еден што научниците го нарекле „халицин“, по Хал од филмот „2001: Вселенска одисеја“, изгледа особено моќен.

Истражувачите третирале многубројни инфекции отпорни на лекови токму со халицин, соединение што првично било создадено за лекување дијабетес, пишуваат тие во списанието „Сел“. Тестовите врз бактерии собрани од пациенти покажале дека халицинот ја убива бактеријата што предизвикува туберкулоза и видови на „Enterobacteriaceae“ кои се отпорни на карбапенем, група антибиотици што се сметаат за последно средство за вакви инфекции.

Научниците сега сакаат да го искористат алгоритамот за да откријат антибиотици кои се селективни во бактериите што ги убиваат. Ова би значело земање антибиотик што убива само бактерии што предизвикуваат инфекција, а не сите здрави бактерии што живеат во цревата.

Извор: The Guardian
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука