Истражување спроведено на младенци во Иран открило интересна поврзаност - кога еден од сопружниците страда од депресија или анксиозност, составот на оралните бактерии кај другиот партнер се менува и сѐ повеќе личи како на партнерот што страда од депресија. Како што се менуваат овие микроби, така се менуваат и расположението и обрасците на спиење кај инаку здравиот партнер.
По само шест месеци брак, претходно здравите сопружници покажале значително повисоки стапки на депресија, анксиозност и проблеми со спиењето доколку нивниот партнер имал т.н. депресивно-анксиозен фенотип. Станува збор за образец кој вклучува комбинација на депресија, вознемиреност и несоница.
Научниците заклучиле дека преносот на бактерии од устата меѓу луѓе кои се во близок контакт може делумно да влијае врз појавата на симптоми на депресија и анксиозност.
Како бактериите патуваат меѓу партнерите?
Секогаш кога го бакнувате својот партнер, споделувате оброк или едноставно престојувате во ист простор, разменувате милиони бактерии. Во повеќето случаи таа размена е безопасна, па дури и корисна за вашиот имунолошки систем. Но, ова истражување покажува дека токму на тој начин можат да се „пренесуваат“ и одредени ментални проблеми меѓу блиски партнери.
Истражувачкиот тим, предводен од независниот научник Реза Растманеш, ги следел паровите кои во просек биле во брак шест месеци. Во периодот од февруари до октомври 2024 година регрутирале 1.740 парови од две приватни клиники за спиење во Техеран. Споредиле 268 здрави партнери со 268 партнери кои страдале од депресија, анксиозност и проблеми со спиењето. Двете групи поминале стандардизирани тестови за ментално здравје, дале примероци од плунка за мерење на хормонот на стрес, а бактериите од усната шуплина биле анализирани со напредни ДНК-техники.
На почетокот од истражувањето здравите партнери имале уредни резултати на тестовите за депресија, анксиозност и квалитет на спиење. Но, по шест месеци живот со партнер кој се соочува со овие проблеми, нивните резултати значително се влошиле. Иако сѐ уште не стигнале до нивото на болниот партнер, се движеле во таа насока.
Што покажале бактериите?
Особено интересен бил наодот за бактериите во усната шуплина. Оралниот микробиом кај здравите партнери почнал сѐ повеќе да наликува на оној кај нивните депресивни и анксиозни сопружници. Со примена на техника наречена линеарна дискриминантна анализа, научниците откриле дека одредени бактериски групи, како „Clostridia“, „Veillonella“, „Bacillus“ и „Lachnospiraceae“, почнале почесто да се појавуваат кај двајцата партнери.
Овие бактерии не се случајни. Претходни истражувања токму нив ги поврзале со ментални нарушувања, вклучувајќи депресија, анксиозност и проблеми со спиењето. Научниците веруваат дека овие бактерии може да влијаат врз мозокот со тоа што ја нарушуваат крвно-мозочната бариера.
Жените се почувствителни
Покажано е дека жените се почувствителни на овие промени од мажите. По шест месеци сопругите покажале поизразени симптоми на депресија, анксиозност и нарушувања на сонот, а промените во нивниот орален микробиом биле понагласени отколку кај мажите.
Во рамките на истражувањето, во плунката на учесниците било измерено и нивото на кортизол, хормонот на стрес. Здравите партнери во брак со лица што страдаат од депресија и анксиозност покажале значителен пораст на кортизолот во текот на шесте месеци, што укажува дека нивниот систем за одговор на стрес бил активиран.
Оваа теорија за пренос на бактерии се надоврзува на претходни истражувања што покажуваат дека партнерите биолошки се усогласуваат, па така нивниот пулс може да се синхронизира за време на разговор, обрасците на спиење стануваат слични, а нивото на кортизол следи сличен дневен ритам. Ново во ова истражување е идејата дека менталните нарушувања, како депресија и анксиозност, можеби можат да се „пренесуваат“ преку размена на бактерии.
Што значи ова за лекувањето?
Овие откритија може да го променат начинот на кој пристапуваме кон лекување на депресијата и анксиозноста во партнерски односи. Наместо да се фокусираат само на поединецот со симптоми, здравствените работници во иднина можеби ќе треба да го разгледуваат парот како целина и да земат предвид третман за двајцата, дури и ако само еден покажува видливи проблеми.
Треба да се има предвид дека истражувањето има неколку ограничувања: траело само шест месеци, не зело предвид други влијателни фактори (како стрес, исхрана или стил на живот) и е спроведено само на персиско говорно подрачје. Учесниците знаеле дека се дел од истражување, што можело да влијае врз нивните одговори. Исто така, иако е забележана поврзаност меѓу бактериите и менталното здравје, не може да се тврди дека бактериите се директна причина за промените во расположението.
Истражувањето потврдува нешто што брачните советници и терапевти одамна го забележуваат - дека состојбите на менталното здравје влијаат врз целото семејство, а не само врз поединецот.
Извор:
Miss7zdrava.24sata.hr
Фото: Freepik