X
 13.02.2019 Наука

Најдолгиот научен експеримент - ќе трае 500 години

Во 2514 година некој иден научник ќе оди на Универзитетот во Единбург (ако постои тогаш), ќе ја отвори дрвената кутија, ако не се изгуби дотогаш, и ќе отвори сет стаклени садови за да набљудува дали бактериите во нив ќе продолжат да растат. Сето ова, под услов дотогаш да не се заборави на експериментот, да не се толкува погрешно и под услов науката, или некоја нејзина верзија, да постои и тогаш.

Токму на овој начин е претставен 500-годишниот експеримент на американските, британските и германските соработници, кои до 2514 година, секако, ќе бидат мртви.

Тие никогаш нема да ги дознаат одговорите на прашањето поттикнато од експериментот - за долговечноста на бактериите. Кокел своевремено заборавил на својот Петриев сад полн со бактерии „Сhroococcidiopsis“. Ги заборавил бактериите цели 10 години и на крајот сфатил дека овие едноклеточни организми и понатаму се живи. Научниците и порано успеале да оживеат бактерии од конзерва со месо стара 118 години, па дури и бактерија стара 250 милиони години.

Сето ова го навел микробиологот Ралф Мулер од германскиот аеронаутички центар, соработник на 500-годишниот експеримент, на заклучокот дека животот на нашата планета не е ограничен со човечките стандарди. 500-годишниот експеримент во физичка смисла се состои од 800 едноставни стаклени садови што ја содржат или бактеријата „Chroococcidiopsis“ или бактеријата „Bacillus subtilis“. Стаклените садови се запечатени и заштитени со олово за да се зачуваат од зрачење од радијација и космичко зрачење, што може да доведе до оштетување на ДНК.

1
Фото: R. Möller / C. S. Cockell

Секоја втора година во првите 24, и потоа секој четврт век, научниците треба да ги тестираат исушените бактерии за можни оштетувања. Првиот сет на податоци од овој експеримент беше објавен минатиот месец. Оној полесен дел од оваа работа се однесува на отворањето на садовите, додавање вода, а потоа пребројување на колониите бактерии. Тешкиот дел од експериментот е како да се обезбеди дека некој ќе ја продолжи оваа постапка далеку во иднината. 

Научниците оставиле УСБ со инструкции, но Мулер сфатил дека ова ќе биде далеку од доволно, имајќи предвид како брзо се развива и застарува технологијата. Затоа научниците оставиле инструкции и во пишана форма.

- Замислете хартија стара 500 години. Дали инструкциите треба да ги изрезбаме на камен? Дали треба да ги изрезбаме на метална плоча? - вели тој.

Што ако во иднина никој повеќе нема да биде во состојба да го прочита она што е напишано? Ниедна стратегија не може да се смета дека е отпорна на будали 500 години подоцна. Затоа, тимот на научниците одлучил на секои 25 години нови луѓе да ги копираат инструкциите на јазик што тогаш ќе биде и јазично и лингвистички современ. Нивниот план спаѓа меѓу најдолготрајните експерименти. Но, не е единствен.

Имено, во 1927 година физичарот Томас Парнел ставил катран во стаклен сад и чекал високо вискозната супстанција да почне да капе - нешто што на собна температура може да се случи еднаш во неколку години. Парнел починал, а експериментот минал низ рацете на многу физичари, кои ја регистрирале последната капка во април 2014 година.

500-годишниот експеримент е прилично евтин бидејќи бара некаква активност на секои 25 години. Но, бара од луѓето да го помнат експериментот, да внимаваат на него и на сè друго. Тоа што станува збор за соработка меѓу британските, германските и американските научници значи дека овој експеримент бара прилично голема стабилност на денешниот свет. Но, Мулер на тоа вели дека зад секое прашање за тоа што се наоѓа зад океанот, зад онаа река, зад наредниот океан, секогаш стоел оптимизмот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука