X
 09.06.2018 Живот

Колку трае летниот распуст во земјите низ светот?

Наставата во училиштата во Македонија заврши. До први септември сите ученици ќе уживаат во летниот распуст, кој трае безмалку три месеци.

Но, дали знаете колку трае распустот во другите земји од светот?

Еве податоци за некои од нив:

Аргентина

Учебната година завршува кон средината на декември и започнува кон крајот на февруари или почетокот на март, а учениците од основното образование уживаат во два месеца одмор, додека оние од средното образование одмораат три месеци.

Австралија

Летните одмори во Австралија се од декември до февруари и во нив се вклучени прославите за Божиќ и Нова година. Распустот вообичаено трае околу шест недели. Датумите за распуст се утврдени од министерствата за образование во секоја сојузна држава.

Канада

Првиот ден од распустот за повеќето ученици во Канада е последната сабота од јуни, додека последниот ден е Денот на трудот во септември.

Кина

Летниот одмор започнува на почетокот на јули и често завршува на почетокот од септември, што значи дека трае два месеца.

Данска

Одморот обично почнува кон крајот на јуни и трае до почетокот или средината на август и трае околу шест недели. Средношколците обично порано се враќаат на училиште отколку помалите ученици.

Германија

Одморот за учениците во Германија обично трае околу шест и пол недели. Датумите варираат во зависност од тоа за која сојузна држава станува збор, но најраниот почеток е кон средината на јуни, а најдоцното завршување на распустот е кон крајот на септември.

deca
Фото: Freepik

Индија

Должината на летниот распуст во Индија е различна во различните делови на земјата бидејќи во исто време има различни временски услови.

Во Северна Индија училишната година завршува кон средината на мај и започнува првата недела од јули, освен во долината Кашмир, каде што летниот распуст трае само десет дена. Сепак, тие ученици одат на распуст и од средината на декември до крајот на февруари.

Во централна Индија одморот почнува кон средината на април и трае до средината на јуни.

Во Јужна Индија училишната година завршува во последната недела од март и повторно почнува на почетокот од јуни.

Ирска

Повеќето ученици во Ирска добиваат тримесечен распуст, завршувајќи ја учебната година во последната недела од мај и враќајќи се на настава во првата седмица од септември.

Јамајка

Во оваа земја распустот почнува во првата недела од јули, а завршува во последната недела од септември и трае околу осум недели.

Мексико

Од 2000 година летниот одмор за мексиканските ученици започнува на почетокот на јуни, а завршува кон средината на август. Средношколците и студентите одмораат околу три месеци, од крајот на мај до почетокот на август.

Нигерија

Крајот на учебната година во Нигерија е кон средината на јули, а учениците на настава се враќаат на почетокот од септември.

Пакистан

Распустите генерално траат два-три месеци, во зависност од тоа дали училиштето е јавно или приватно. Типичен летен распуст трае од крајот на мај до средината на август.

Полска

Одморот за учениците во Полска започнува од првата сабота по 20 јуни, а трае до првиот работен ден од септември.

Јужноафриканска Република

Летниот распуст обично започнува во декември и трае до средината на јануари.

Шведска

Шведските ученици одмораат од средината на јуни до крајот на август и имаат минимум девет седмици распуст.

САД

Распустот трае два-три месеци, а тоа зависи од локацијата. Обично распустот започнува кон крајот на јуни и трае до почетокот на септември (претежно во северните сојузни држави) или од крајот на мај до средината на август (во повеќето јужни и западни земји).

Уругвај

Летниот распуст обично започнува на почетокот на декември, а завршува на почетокот на март и трае цели три месеци.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот