X
 04.02.2020 Образование

Сѐ повеќе американски ученици стануваат бездомници

Бездомништвото и понатаму се зголемува во земји како Калифорнија, но сега новите федерални податоци од САД покажуваат дека бројот на ученици што се соочуваат со бездомништво драматично се зголемува.

Извештај на американскиот Национален центар за едукација на бездомници ги сумира податоците поднесени од сојузните држави до американското министерство за образование.

Податоците, земени од јавните училишта од учебната 2015-2016 година до 2017-2018 покажуваат дека бројот на учениците што искусиле бездомништво во некој период од тие три години се зголемил за 15 отсто - од 1,3 милион на 1,5 милион.

Зголемувањето на бројот на ученици што искусиле бездомништво изгледа се случува во целата земја. Дури 16 сојузни држави известиле за раст од најмалку 10 отсто, а осум од нив известиле за раст од 20 отсто. Тексас, на пример, забележал раст од 100 отсто, што значи дека бројот на студенти што искусиле бездомништво се дуплирал.

Само 13 сојузни држави забележале пад на бројот во текот на трите училишни години и само пет од тие сојузни држави известиле за намалување од 10 отсто или повеќе.

Барбара Дафилд е извршен директор на непрофитната организација „Скул хаус конекшн“, која работи на надминување на бездомништвото на младите. Дафилд истакна дека бројките се алармантни.

- За многу од овие деца и млади јавните училишта се нивниот најдобар, а често и единствен извор на поддршка. Училиштата постојат во сите заедници, без разлика на тоа дали има или не доволно кревети во центрите, тие треба да ги идентификуваат, запишат и услужат бездомните деца и млади; тие користат дефиниција на бездомништво која ја опфаќа реалноста на бездомништвото за млади и фамилии и обезбедуваат алатки кои им се потребни на децата и младите за да успеат - истакнува таа.

Учениците што се соочуваат со бездомништвото се погодени академски. Во текот на учебната 2017-2018 година само 29 отсто од учениците стекнале вештини во читањето, додека 24 отсто стекнале вештини во математика и 26 отсто во наука.

Сепак, податоците имаат ограничувања и не значи дека се одраз на сите млади лица што можеби се соочуваат со бездомништво, стои во извештајот. Децата што го напуштиле училиштето, децата што не биле запишани во претшколска и учениците што можеби се соочуваат со бездомништво само во текот на летото не се вклучени во податоците.

Па, иако податоците покажуваат дека 1,5 милион ученици се соочуваат со бездомништво, бројот може да биде поголем.

-Училиштата и заедниците треба да знаат кој се соочува со бездомништво за да им помогнат да успеат и на креаторите на политики на сите нивоа мора да им биде приоритет дејствувањето за поддршка на овие невидливи и често игнорирани ученици - вели Дафилд.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование