Не е тајна дека Јапонија е земја што може да служи како пример за чистота и тоа е една од првите работи што се забележуваат при посетата. Во секојдневниот живот постојат многу примери за општествена свест: работниците ги чистат улиците околу своето работно место, децата волонтираат во месечни акции на чистење собирајќи ѓубре околу училиштето, а честопати се организираат и заеднички акции на чистење низ населбите. Станува збор за активности што, покрај одржувањето на хигиената, придонесуваат и за поврзување на заедницата.
Но, како цела земја успева да биде толку чиста и организирана, кога на јавните простори речиси и да нема корпи за отпадоци?
На почетокот од годинава Јапонската национална туристичка организација спроведе анкета меѓу туристите, прашувајќи ги со какви логистички предизвици се соочиле за време на престојот. Најчестиот одговор? Недостиг на корпи за отпадоци. Дури 22 отсто од туристите рекле дека токму тоа им било најголемиот проблем, пред недостигот на луѓе што зборуваат англиски (15 отсто) и преголемите метежи на популарните туристички локации (13 отсто).
- Недостигот на корпи може да биде вистински проблем, особено за млади патници со ограничен буџет. Наместо да седнат во ресторан, почесто купуваат храна во продавница или некој десерт на тезга. Откако ќе јадат, очајно бараат каде да го фрлат отпадот - вели професорот Крис Мекморен, кој предава јапонски студии на Националниот универзитет во Сингапур. Тој додава дека Јапонците купуваат храна и пијалаци од автомати или продавници, но главната разлика е што речиси никогаш не јадат и пијат на улица.
Јапонскиот бонтон
Јадењето во движење е толку непристојно во Јапонија, што некои градови дури го забраниле. Се јаде дома или во канцеларија и на тие места се фрла отпадот. Ако некој сепак јаде во движење, најчесто носи мала кеса во која го собира отпадот, сè додека не се врати дома. За туристите што не знаат како да го носат својот отпад во текот на денот, постои креативно решение: фурошики - парче ткаенина за завиткување, кое може да се најде во секоја продавница за сувенири. Фурошики може привремено да служи за носење отпад, а подоцна и како декоративен сувенир.
Сепак, дел од туристите се жалат дека е заморно да се пешачи километри низ градот додека со себе се носи пластична амбалажа од храна.
Прашање на живот и смрт
Масовниот туризам предизвикува проблеми со управувањето со отпадот во Јапонија. Пример за тоа е градот Нара, лоциран на 45 минути со воз од Осака, кој привлекува туристи од целиот свет. Градот е познат по историските храмови, будистичките артефакти и дивите елени кои земаат храна од посетителите и се „поклонуваат“ во знак на благодарност.
Но, отпадот стана прашање на живот и смрт за елените: во 2019 година девет елени умреле поради консумирање пластичен отпад што туристите го оставиле зад себе. Корпите за отпадоци биле отстранети од парковите во Нара уште во 1985 година за да се спречи елените да јадат од нив. Во градот се поставени и знаци што ги предупредуваат посетителите да не фрлаат отпад бидејќи несоодветната храна може да биде опасна за животните.
Како што растел бројот на туристи, станало јасно дека предупредувањата не се доволни. Затоа, градот ја променил својата политика и поставил неколку корпи на најфреквентните туристички места. Новите корпи, што функционираат на соларна енергија, имаат натпис: „Да ги спасиме елените“, напишан на англиски јазик.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik