X
 09.07.2025 Живот

Скролање на мобилен во тоалетот - навика што сериозно може да ви го загрози здравјето

Можеби ви изгледа како безопасно скролање додека сте во тоалетот, но вистината е многу „повалкана“, и тоа буквално. Навиката да носиме телефон во тоалет стана толку вообичаена, што веќе и не размислуваме за неа. Сепак, гастроентеролози и микробиолози предупредуваат дека оваа навика може да биде штетна, нехигиенска, па дури и опасна.

Телефонот како колонија на бактерии


Експертите истакнуваат дека секојдневното скролање во тоалет може да го претвори телефонот во вистинско легло на бактерии, вклучувајќи ја и опасната ешерихија коли. Кога влегувате во тоалет со телефон, го изложувате на облак од невидливи микроорганизми. Дури и ако ги измиете рацете, бактериите може повторно да ви се вратат за секунда штом ќе го земете заразениот телефон.

Микробура од веце-школката


Пуштивте вода? Во тој момент се создава облак од микроскопски капки кој се шири до 1,5 метар во височина и ширина. Тие честички носат сè што не сакате да се најде на вашиот телефон, лице, облека или четка за заби. Површини како што се подот, ѕидовите и машината за перење стануваат контаминирани, а телефонот, ако е во близина, станува идеална цел.

Освен хигиенските ризици, скролањето во тоалет го продолжува времето поминато на веце-школката, што според гастроентерологот д-р Саураб Сети може да доведе до сериозни здравствени проблеми: хемороиди, анални пукнатини, ректален пролапс и слично. Колку подолго седите, толку е поголем притисокот врз ректумот и толку е поголем ризикот.

Најлошото место за телефон - подот


Ако некогаш ви падне на ум да го оставите телефонот на подот додека сте во тоалет, размислете повторно. Подот околу веце-школката е едно од највалканите места во домот. Фекалните бактерии таму можат да преживеат со денови, дури и кога сè изгледа чисто.

Како да се заштитите?

Ако веќе морате да го понесете телефонот со себе, не користете го додека сте во тоалет. Држете го в џеб и дезинфицирајте го барем двапати неделно, најдобро со алкохолни марамчиња. Според микробиолозите, мобилниот телефон по количина на бактерии е еднаков со кваката, прекинувачот или веце-школката, но го чистиме многу поретко.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот