X
 09.08.2020 Наука

Марс порано бил покриен со мраз, покажува ново истражување

Висорамнините на јужниот дел од Марс се покриени со големи мрежи од долини за кои досега се мислеше дека биле создадени од реки кои течеле на планетата пред многу години. Но, нова анализа покажува дека овие долини можеби биле формирани од глечери, што би значело дека Марс бил многу студен и леден наместо топол и влажен.

За да утврди како Марс ги добил своите долини, Ана Галофри од државниот универзитет во Аризона заедно со колегите анализирала податоци на 10.276 долини на планетата. Потоа била направена споредба на топологијата на долините со 40.000 симулации на долини кои се формирани на различен начин.


Фото: Freepik

Истражувачите откриле дека долините во само три од вкупно 66 мрежи на долини што биле анализирани веројатно биле формирани од подземни води што излегле на површината. Од друга страна, 22 се формирале од вода која се стопила и течела под глечери.

Девет од мрежите најмногу потсетувале на симулирани мрежи кои се формирале директно од глечерите, 14 биле најслични на реки, а 18 не биле доволно слични на ниту една симулација, веројатно како резултат на ерозии низ годините.

Идејата дека многу долини на Марс веројатно биле формирани од глечери покажува дека големи делови од Марс во минатото биле покриени со огромни ледени плочи. Според Галофри, ова е контроверзна идеја бидејќи многу истражувања досега посочувале дека Марс бил потопол во минатото.


Фото: Freepik

Сепак, дури и доколку се потврди дека Марс бил покриен со мраз, животот на планетата би бил возможен. Ледените плочи може да бидат околина погодна за живот, иако различна од она што го замислуваме за Марс.

Роверот „Персевиренс“ на НАСА тргна за Марс на 30 јули и ќе се обиде да одговори на повеќе прашања за минатото на планетата и ќе бара знаци за живот.

Автор: Леа Крејн
Извор: newscientist.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука