X
 09.09.2024 Живот

Колибите од бајките во Италија двапати годишно се срамнувале со земја поради необична причина

Доколку сте љубители на патувањата и авантурите, тогаш Алберобело, кое се наоѓа на врвот на Апенинскиот Полуостров во Италија, е дестинација што не смеете да ја пропуштите.

Замислете дека одите по тесни, камени улички каде што од сите страни сте опкружени со необични куќи со бели ѕидови и зашилени, конусни покриви. Овие колиби изгледаат како да се излезени од бајка за штрумфовите или хобитите, но зад нивниот шармантен изглед се крие богата историја и интересни приказни за снаодливоста и традициите на луѓето во тој дел на Италија.


Овие куќи биле создадени во 14 век, кога жителите на регионот Апулија се обиделе да го избегнат плаќањето на високите даноци на имот што ги барале кралевите на Неапол.

Имено, селаните смислиле начин како да градат куќи од бели варовнички блокови со конусни покриви, кои лесно можеле да се демонтираат кога ќе се приближеле даночниците. Овој специфичен стил на градба бил овозможен поради фактот што куќите биле изградени без малтер и цемент, што ги прави привремени објекти кои може целосно да се демонтираат со отстранување на плочата од покривот.

Даночниците доаѓале двапати годишно, па селаните буквално преку ноќ ги уривале куќите во кои живееле и со тоа избегнувале да плаќаат данок.


Овој стил на градба сведочи за генијалноста на историските жители на Апулија, а погледот на конусните покриви кои стоеле сите овие векови служи како потсетник на богатата историја на регионот. Покрај тоа, обезбедува и одлична топлинска изолација, одржувајќи ја внатрешноста топла во зима и ладна во лето.

Иако се најпознати во Алберобело, овие куќи може да се најдат и во околните градови, како што се Локоротондо, Мартин Франка и Цистернина. Алберобело денес има околу 11.000 жители, а најголемата концентрација на овие куќи е над 1.500, што е причина што овој град од 1996 година е на списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот