X
 09.10.2025 Живот

Најголем стрес на македонските наставници им се административните работи, покажува анализа на ОЕЦД

Меѓународната анкета за наставата и учењето (TALIS) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) претставува најголемо меѓународно истражување кое ги опфаќа наставниците и директорите на училиштата. Со прибирање споредливи податоци од различни земји, анкетата го обезбедува гласот на наставниците да биде слушнат во процесот на креирање образовни политики.

Во најновото издание на анкетата TALIS 2024 учествуваше и нашата земја, чија анализа открива интересни согледувања за наставната професија во земјата и даде јасна слика за наставниот кадар во земјата. Имено, анкетата покажа дека поголемиот дел од наставниците се жени (74 отсто), а просечната возраст изнесува околу 44 години, што ја става земјата блиску до просекот на земјите членки на ОЕЦД.



Податоците покажуваат дека македонските наставници се особено посветени на создавање позитивна училишна клима и на емоционалната благосостојба на учениците, иако се соочуваат со предизвици поврзани со ниски плати, административна преоптовареност и недоволна поддршка за инклузивното образование.

Според резултатите, дури 84 отсто од наставниците во земјата веруваат дека се способни да обезбедат силна социјална и емоционална поддршка за своите ученици, што е значително над просекот на земјите членки на ОЕЦД. Осум од десет наставници редовно работат со учениците на разбирање на нивните емоции, мисли и однесување, што укажува на свесност за важноста на емоционалната интелигенција како составен дел од воспитно-образовниот процес.

И покрај позитивните резултати во оваа област, извештајот посочува дека инклузивноста во училиштата останува ограничена. Само мал број наставници работат со поголем процент ученици со посебни образовни потреби или со мајчин јазик различен од наставниот. Притоа, мнозинството наставници веруваат дека можат да ги приспособат задачите за овие ученици, но голем дел од нив не се чувствуваат доволно поддржани за соработка и вклучување ученици со тешкотии.

TALIS 2024 покажува и дека македонските наставници се меѓу оние што најбрзо ги прифаќаат новите технологии и вештачката интелигенција во наставата. Над 40 отсто од наставниците изјавиле дека во последната година користеле алатки базирани на вештачка интелигенција, што е над просекот на ОЕЦД. Најчесто ги користат за креирање наставни материјали, резимирање содржини и поддршка при учење. Сепак, дел од наставниците сè уште немаат доволно знаење или технички услови за редовна употреба на ваквите алатки, што упатува на потребата од дополнителни обуки и подобра инфраструктура во училиштата.

Кога станува збор за условите на работа, наставниците во Македонија работат во просек по 33,8 часа неделно, што е нешто помалку од просекот во земјите на ОЕЦД, но поголем дел од тоа време го минуваат во директна настава. Иако најголем дел од нив имаат постојан работен однос, имаат високо незадоволство поврзано со платите. Само 28 отсто изјавиле дека се задоволни од платата, во споредба со 39 отсто на ниво на ОЕЦД.

Најчести причини за стрес меѓу наставниците се административните обврски, одговорноста за ученичкиот успех и одржувањето на дисциплината во училницата. Сепак, интересно е што само 6 отсто од наставниците пријавиле дека се под силен стрес, што е значително пониско од просекот во ОЕЦД, каде што оваа бројка достигнува речиси 20 отсто.



И покрај економските и организациските предизвици, вкупното задоволство од професијата останува високо. Повеќето, односно 94 отсто од наставниците изјавиле дека се горди на својата работа и сметаат дека професијата е вредна и значајна за општеството. Особено охрабрувачки е фактот дека само еден од десет млади наставници планира да ја напушти професијата во наредните пет години, што е двојно помалку од просекот во земјите на ОЕЦД.



Извештајот на ОЕЦД покажува дека Македонија има високо мотивиран наставен кадар, кој вложува искрен труд и креативност во воспитно-образовниот процес. Но, за да се зачува ова ниво на ентузијазам, потребни се подобри плати, намалување на административните оптоварувања, повеќе поддршка за инклузивното образование и унапредување на технолошките ресурси во училиштата.

Целосниот извештај со детални податоци и споредбени анализи е достапен на официјалната страница на ОЕЦД ТУКА.

Извор: Oecd.org
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот